Утре второ пријавување за средно, слободни 24.529 места

Во јавните средни училишта во Македонија  утре ќе се спроведе второто пријавување во јунскиот рок за упис во прва година во учебната 2017/2018 година,  а  резултатите за запишани ученици ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. На првото пријавување во јуни, спроведено на 28-ми и 29-ти минатиот месец, од пријавените 17.179, примени беа 11.205 ученици.

srednoskolci

Министерството за образование и наука информираше дека слободни места во второто пријавување во првиот рок има за вкупно 24.529 ученици во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија иако, како што претходно објави, уписот во некои училишта е завршен во првото јунско пријавување, претежно во гимназии и во медицинската струка.

МОН вчера соопшти дека се проширува квотата за запишување ученици во прва година за една паралелка во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје и се дозволува упис на сите ученици кои постигнале најмалку успех од 74,68 поени, а аплицирале во првиот уписен рок – прво пријавување. Се проширува и квотата за запишување ученици во прва година во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ и се дозволува упис на сите ученици кои постигнале најмалку успех од 74,65 поени, а аплицирале во првиот уписен рок – прво пријавување.

За настава на македонски јазик во второто пријавувње има вкупно 16.118 слободни места, за албански наставен јазик 7.455, за турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34 места и 103 слободни места за повторувачи.

Според видот на образование, во гимназиите има 6.171 слободни места (3.504 за ученици на македонски наставен јазик; 2.215 за ученици на албански наставен јазик; 344 за ученици на турски наставен јазик; 34 за ученици на српски наставен јазик и 74 за повторувачи), во стручно образование има 18.252 слободни места (12.554 за ученици на македонски наставен јазик; 5.204 за ученици на албански наставен јазик; 475 за ученици на турски наставен јазик и 19 за повторувачи). Во спортската гимназија слободни се 106 места од кои 60 се за ученици на македонски наставен јазик, 36 за ученици на албански наставен јазик и 10 за повторувачи.

Во вкупниот број запишани ученици и слободни места за второто пријавување во јунскиот уписен рок не е пресметан бројот на учениците од средните училишта за уметничко образование, бидејќи учениците во тие училишта полагаат дополнителни испити.

За учениците кои и во второто пријавување во јуни нема да се запишат во средно училиште, има и втор рок за упис – на 24 август,  а училиштата кои и во двата рока нема да ги пополнат местата ќе запишуваат ученици до 31 август.

Средното образование стана задолжително за сите ученици од учебната 2008/2009 година, согласно со измените на Законот за средно образование.

Во учебната 2016/2017 година деветто одделение завршија 20.712 ученици




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.