Времето во Македонија ќе биде сончево и топло со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе настапи нестабилно време со поројни врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме.
Утринската температура ќе се движи од 16 до 23, а дневната од 31 до 40 степени.
УВ-индексот ќе има вредност 8.
Во Скопје слично време, претпладне сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне нестабилно со дожд и појава на грмежи. Утринската температура ќе се спушти до 20, а дневната ќе достигне до 35 степени.
Во понеделник ќе преовладува променливо и свежо време со локален дожд. Ќе дува засилен ветер од северен правец, кој ќе предизвика значително опаѓање на максималната температура, која во понеделник ќе биде најниска и ќе се движи во интервал од 21 до 29 степени.
Од вторник ќе има стабилизирање на времето со постепено покачување на температурата.