Сите тајни на светата вода: За што служи и кога треба да се земе

На грчки „светата вода“ се нарекува „агиазма“ (αγίασμα) – „светиња“. Светиња се нарекува сето она што е исполнето со благодатта Божја. Тоа може да бидат моштите на светителите, иконите, мирото, нафората. Но сепак, првенствено, под „светињата“ „агиазма“ се подразбира водата над која е извршен чинот водосвет.
По своите физички квалитети и вкусот, светата вода со ништо не се разликува од обичната. Навистина, таа останува подолго време свежа од обичната вода, но поентата не е во тоа. Знам еден случај кога и светата вода се има расипано, но тоа воопшто не ме поттикна да се посомневам во тоа дека таа не била осветена.
Што се случува кога обичната вода станува света? Да се одговори на ова прашање воопшто не е тешко, доколку се обрне внимание на зборовите од молитвата кои ги чита свештеникот при нејзиното осветување. Еве ги првите зборови: „За да се освети оваа вода со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух…“ Кога прв пат се случило тоа слегување, кога Светиот Дух слегнал на апостолите, тие станале други луѓе, силни, безстрашни, со пламена вера и желба да проповедаат по целиот свет. „Секоја душа живее со Светиот Дух…“ – се пее во една од често повторуваните песни. Светиот Дух слегува врз обичната вода и ја прави необична, ја прави света, која пренесува благодат кон се што допре. Во почетокот осветуваме обична вода читајќи молитви и спуштајќи го крстот во неа. А потоа, таа вода ја пренесува благодатта на се што ќе попрскаме со неа.
Зошто се осветува водата? Зарем само таа е способна да ја прими во себе силата Божја? Секако дека не само таа. На празничната вечерна ние осветуваме пет лебови, пченица, вино и елеј (масло). Постои и неспоредливо осветување кога на Литургијата лебот и виното стануваат Тело и Крв Христови. Но од сите овие земни елементи водата има посебно значење. Поимите „вода“ и „живот“ се неразделни еден од друг. Тоа му е јасно на секој. Според тоа, општо познато е дека и ние самите се состоиме од 80% вода.

Зошто треба да се осветуваат автомобилите?

На тој начин може преку верата да се спроведе суеверие. Преку побожноста – магијата и при тоа второто се маскира позади првото. Како да го разликуваме едно од друго? И едното и другото се од нематеријалниот свет, од духовното, натприродното. Често се користат исти зборови, поими, форми. Становите на современите магови се украсени со икони, заколнувачки книги кои често можат да се најдат во книжарници, кои го заобиколуваат спомнувањето на Света Троица, Богородица, светите угодници.
Од учесниците во магиските ритуали не се бара никаков духовен напор, никаков подвиг, промена на начинот на живот, покајание. Таму главното правило е да се изврши ритуалот, да се прочитаат одредените зборови, да се извршат одредени движења со телото. Верата укажува дека не живее „Бог за мене“, туку „јас за Бога“. Со пристапување кон магијата човекот не е веќе послушник Божји, туку Боженственото се доживува како некоја сила чија намена е да му помага на човекот, да го чува, штити, лечи и да ги решава неговите проблеми. Од човекот се бара само правилно да ја извршува „Божјата служба“. Овие зборови ги ставив во наводници затоа што тоа и не е служење на Бога иако се користи света вода, икона или крст.
Со светата вода ги попрскуваме нашите станови не само да станат наши, туку и Божји, за да можат станарите во осветениот стан да си кажат еден на друг „Христос посреде нас“ – “е и ќе биде“. Тажно е тоа, што за многу луѓе, кои осветуваат стан и повикуваат свештеник да им го освети, тој обред го примаат како магија. „Осветете го отец нашиот стан, бидејќи ние сме често болни! Исто така ни се случуваат разни непријатности.“ Таквото доаѓање на свештеникот има смисла само доколку постои можност за прва проповед, за почеток на разговор за Христос, за Евангелието, за покајанието. Евангелието за Закхеј кое се чита на осветување на стан е добар повод за почеток на еден таков разговор.
Ние осветуваме различни работи кои ги користиме во секојдневниот живот попрскувајќи со агиазмата (светата вода). И автомобилите се дел од тоа. За ова последното често можат да се случат скептични мислења. Да, навистина тоа изгледа како магијата да победила. Луѓето, кои честопати не се прекрстуваат, доаѓаат со новите автомобили и сакаат да ги осветат. Нема ништо лошо во тоа да се проси благослов, помош и заштита, бидејќи возењето е одговорна и опасна активност. И молитвата, која е пропратена со попрскување со светена вода е исправна и неоходна активност пред почеток на возењето. Но труди се секогаш да му објасниш на возачот, доколку со тоа попрскување се сѐ заврши да не очекува помош и заштита. А понатаму, секој човек одлучува дали тоа осветување ќе биде неговиот прв чекор на долгиот и тежок пат на воцрковување, или само ќе биде дел од распространетото суеверие, како со попрскувањето со света вода и со читање на некакви таинствени зборови од страна на свештеникот само по себе ќе биде ибавен неволјите и несреќите.
Од искуството е познато дека секоја нечиста сила се плаши од светата вода. Но таму каде што нема искрено покајание, молитва, злиот дух кој е изгонет секогаш се враќа. Кога нечистиот дух ќе излезе од човека, минува низ безводни места, барајќи спокој и не наоѓа; па ќе рече тогаш: „Да се вратам во мојот дом, од каде што излегов.“ И штом дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден; тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата (Мат. 12, 43-45).

За оние кои веруваат

Главната намена на водата е да ја гаси телесната жед. А што е со духовната жед? Со обична вода нема да ја изгаснеме. Таа се гаси со Светиот Дух, и кога пиеме од светата вода, тоа е еден од начините на здобивање на Светиот Дух. Не е случајно што самиот Господ повеќе пати ја споредува Својата благодат со водата. Да се потсетиме на разговорот со самарјанката од четвртата глава од Евангелието според Јован, или на зборовите кои се читаат на Литургијата на денот на Света Троица, денот кога си споменуваме за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите: Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот, Кого што ќе го примат оние, кои веруваат во Него (Јов. 7, 37-39). Овие зборови за водата се сликовити, но за православните христијани осветената вода е драгоцена заради тоа што е исполнета со силата на Светиот Дух. Обрнете внимание на следните зборови од наведениот цитат: „…Кој верува во Мене…“ и „…кои веруваат во Него…“. Можеме ли да се попрскуваат со светената вода неверниците или претставниците на другите религии? Се наметнува прашањето: Зошто? Јас и при голем напор не можам да најдам разумен одговор.
Верата во Исус Христос, верата во Евангелието нѐ прават слободни да ја примиме благодатта која ја донесува светата вода. Да ги попрскуваме или да им дадеме да пијат на оние кои не веруваат е безсмислено, дури и навредливо, како за светињата така и за човекот. Самиот Господ никогаш не ја нарушува слободата на човекот, па зарем можеме ние тоа да си го дозволиме? Читајќи ги молитвите за осветување над садот со вода, свештеникот го моли Бога: „За да се освети оваа вода со силата, дејството и слегувањето на Светиот Дух… за осветување на домовите на оние што црпат и земаат од неа… за очистување на душите и телата на сите што со вера црпат од неа…“ Што да додадеме на ова? Што може да биде по благотворно од горенаведените блага за оние што со надеж ја „пијат, земаат и се попрскуваат“? Намерно ги издвоив зборовите „со вера“. По нашата вера и ќе ни биде дадено.

Што треба да се направи со старата вода?

Се поставува прашањето што се прави со старата вода? Одговор на тоа прашање, за жал нема во црквените книги, но во секој случај се смета дека треба да се истури во бунар, река или цвеќе, таму каде што никој нема да ја гази.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.