Уште пред легендарниот глумец, Брус Ли, да ги маѓепса милијардите филмски гледачи низ светот со своите вештини, во градов се вежбаше каратето. Тоа е периодот кон крајот на шеесеттите години од минатиот век.
Младите, наместо како денес со паметните мобилни, беа преокупирани кој повешто ќе изведе некој трик на удар со рака или нога или со ,,нунчаки”. Тоа е времето на формирање на првите карате клубови, за кое со мерак зборуваат каратистите – ветерани, по долго време собрани сите заедно.
– Еден сум од највозрасните. Да не речам најстар во карате спортот во нашиот град. Почнав некаде 1969 година, во Скопје како студент. Имаше само два клуба – Мирче Ацев од Ѓорче Петров и Вардар од Скопје.
Кога се вратив во Прилеп почнав да формирам карате клуб, Гоце Делчев. Потоа се фузиравме во КК Крали Марко да постигнуваме подобри резултати на републичко и на ниво на Југославија. Излегуваа многу каратисти – потсетува Петар Чешелкоски.
– Презадоволен сум од средбата. Требаше да ја направиме пред Нова година затоа што каратето во Прилеп слави 45 години. Карате федерацијата славеше 50 години. Со задоволство ја прифатив поканата, оти сум еден од првите каратисти кој од почеток, од 1972 до 1993 или 1994 година, практично го водев каратето во Прилеп.
Куса историја – од 1972 година постоеше карате клубот Прилеп кој функционираше на еден одреден начин каде што во тој момент главни и доминантни беа Кирил Иваноски – Дрцко и Борис Темоски – Бонтоно. Се вратив во 1978 година, по моето студирање во Скопје и донесов новитети. Паралелно Чешелкоски го водеше другиот клуб. Направивме спој на сите карате клубови – додава Златко Богески – Ѕверо.
Во тоа време прилепчаните лудуваа по Победа, се воодушевуваа од ракометот и одбојката, но полека – полека во семејството на популарни спортови го најде своето место и каратето. Се раскажуваа анегдоти за новите спортски јунаци, како на пример за Дрцко.
Се зборуваше дека имал толку голема природна сила што сакајќи да извежба дома, замавнал неколкупати на дрвената ограда и целосно ја испокршил со голи раце.
– Многу каратисти во Лигата сме се натпреварувале, а КК Гоце Делчев беше при врвот на табелата. Со текот на времето се создадоа многу натпреварувачи коишто со успех го претставуваа клубот на сите натпревари во Македонија, во некогашна Југославија и на европски натпревари. Од поодамна, еден од поистакнатите што сум ги тренирал е Пеце Белистојаноски, сега професор во Техничкото училиште.
На светско ниво освојуваше медали. Можам да го вбројам син ми Христијан Чешелкоски, кој 1995 година освои сребрен медал на Европското кадетско првенство во Братислава. Беше прогласен за спортист на Прилеп, како и младински спортист на Македонија – го враќа ,,филмот” Чешело.
– Од 1978 година почна подемот на прилепското карате, каде што со фузијата на сите три клуба настана еден клуб КК Прилеп, каде бев тренер. Оттогаш почнува вистинското спортско карате. Дотогаш имаше некои натпреварувања, но беа индивидуални и ретки. По четири – пет години преминавме во КК Енергоинвест, кој беше квалитетен клуб. Беше последен клуб кој настапуваше и во Првата сојузна југословенска лига.
Го собра сиот квалитет на натреварувачки потенцијал: јас, па Дрцко, Бонтоно, Златко Пирганоски, Петар Камчески, Тони Мечев, Љупчо Трајкоски. Доведовме и засилувања, врвните каратисти од Македонија. Во основното училиште ,,Климент Охридски” оформивме школа во која беше вклучен Јорго Огненовски, како врвен репрезентативец на Југославија, па Назим Куртовиќ, Игор Маџар, Димче Савевски.
Со нив бевме републички прваци, прваци и во Втората лига и се пласиравме во Првата југословенска лига, каде останавме до распадот на државата. Бевме еден од најатрактивните карате клубови на бившите југословенски простори.
Помошник и заменик беше Милан Башески, со кој премногу убаво соработувавме. Тој, покрај работата со првиот тим, работеше и со подмладокот – за пред децении зборува како да било вчера, Ѕверо.
Каратето првин го биеше глас дека е спорт за насилници, но каратистите со примерното однесување ја разбија таа фама. Како и сите други, и во овој спорт има тренинзи, подготовки, тактика, техника. Силата, сама по себе, не носи резултат. На татамите одлучуваат нијанси, делови од стотинката. Некои натпреварувачи се подобри во борби, други во кати.
– Катата е борба со замислен противник, каде се демонстрираат сите техники што се користат во борбите. А за борбите има психологија, Потребна е добра подготовка. Влегуваш во борилиште да не го повредиш противникот, тој да не те повреди, а да го победиш. Тоа е филозофијата во каратето.
Имав еден таков натпреварувач, Жарко Димитриоски. Располагаше со техника со која секогаш ги победуваше противниците без да ги повреди – го издвојува најубавото од каратето, Чешело.
– Толку многу ги имаше, не можам сите да ги набројам. Беше Кире Чипсио, Петар Белистојански, Наум Трајкоски, Иле Симоноски, кои практично ја заменија претходната генерација. Карате клубот во осумдесеттите и деведесеттите години беше еден од најдобрите клубови.
Продолжува традицијата. И сега излегуваат каратисти, кои постигнуваат врвни резултати на светски натпреварувања. Прилеп останува да е расадник на каратисти и еден од најкарате градовите во регионот и пошироко. Денес КК Ронин вади врвни репрезентативки.
Таму останаа Златко и Елизабета Димоски. Беа меѓу најквалитетните натпреварувачи во своето време кои и сега вадат врвни светски каратисти. Некогаш немавме можност да се претставуваме на светско ниво и да бидеме на светски ранг-листи. Сега каратето има многу систем изменет. Стана олимписки спорт.
Имавме освојувачи на југословенски и европски медали. Назим Куртовиќ, Огненовски, Маџар, Белистојаноски кој беше прогласен за спортист на Македонија. Имаме и врвни светски судии како Златко и Елизабета Димоски, Валентина Пурдеска…
Да не го заборавиме и женскиот тим, многу силен некогаш: Соња Адамческа, Бети Димоска, Бети Чатлеска, Пурдеска, Вера Јанкоска…
Работевме со огромен квалитет и ентузијазам. Фабриката Еуроинвест 11 Октомври, да не заборавиме, го финансираше клубот. Како претседатели беа директорот Џонио, Шкордоски и некои други се менуваа. Финансискиот директор беше претседател Имавме поддршка.
Од Круме Спиркоски. Беше претседател на Карате федерацијата на Македонија во деведесеттите години. И други влегоа во стручните комисиии на Федерацијата.
Сметам дека го подигнавме каратето прво на локално, потоа на републичко и сојузно, за да стигнеме и до светско ниво.
Како што постигнуваат резултати нашите каратисти, верувам дека во иднина ќе се израдуваме и на олимписки медал – оптимистички, во стил на вистински спортист, гледа кон иднината, Златко Богески – Ѕверо.
Извор: “Неделник Зенит”