Новогодишното расположение се чувствува во Прилеп. По повод претстојните новогодишни и божикни празници, концерт на народни и староградски песни вечерва одржаа здруженијата КУД „Пензионер“ од Прилеп и битолската пејачка група “Сирма Војвода“.
Овој настан е организиран на иницијатива на здружението „Преродба“, кое што јавноста го препознава по традиционалното учество во подготовка на посната светиниколска трпеза. На овие средби се родила и оваа идеја, преточена во дело, на задоволство на сите членови на здруженијата, но и на граѓаните- љубители на оваа музика.
„Здружението ‘Преродба’ е организатор на овој концерт по повод новогодишните и божикните празници за весело и празнично расположениие и добро дружење. Концертот се организира за прв пат, но соработката со КУД ‘Пензионер’ и групата ‘Сирма Војвода’ ќе продолжи во иднина. Се надеваме дека овој концерт ќе прерасне во традиционална манифестација.
Атмосферата е радосна и очекуваме весело да ги пречекаме претстојните празниците. Освен тоа сакам да истакнам дека соработката со Општина Прилеп е одлична. Ние како здружение ќе бидеме дел и од пречекот на Новата година, што оваа година ќе има хуманитарен карактер. Како здружение ќе дадеме и свој влог и ќе продолжиме така и понатаму, бидејќи основната мисија на здружението ‘Преродба’ се хуманитарните активности“, истакна Лилјана Ѓорѓиеска, претседател на здружение „Преродба.
Пејачката група „Сирма Војвода“ од Битола функционира под капата на Здружението на пензионери од Битола и идната година ќе одбележат 40 години постоење.
„Нашата група брои околу 25 членови. На ниво на Македонија соработката со другите пензионерски здруженија е одлична. Ние имаме една манифестација ‘Пензионерите пејат’, каде учествуваат 7 – 8 градови. Секоја година учествуваме на тие концерти.
Вечерва благодарение на здружението ‘Преродба’ по повод претстојните празници, дојдовме овде на овој концерт“, истакна Борис Никлески, член на пејачка група „Сирма Војвода“ од Битола.
Од КУД „Пензионер“ рекоа дека ваквите манифестации и дружења им помагаат на пензионерите полесно да ги поминуваат годините од т.н. трето и зрело доба.
„Вечерва ќе се претставиме со 5 песни. Постоиме над 40 години, дружењето е поводот за да пееме, да ја оживуваме песната. Многу ни е мило што на овие средби се негува музиката и ние како личности во зрелото доба се ослободуваме за да можеме да зрачиме стабилно во нашите средини и семејства.
Ја негуваме староградската музика, но пееме и новокомпонирании песни. Често пати учествуваме на вакви концерти низ целата држава“, вели Мирјана Дамчевска, член на КУД „Пензионер“ – Прилеп.