Попоски: Како влада треба да се погледнете во огледало и да кажете одличен е извештајот, а каде ни се резултатите?

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи во Собранието се осврна на препораката која Македонија ја доби, истакнувајќи дека Македонија веќе е искусен кандидат.

-После 8 препораки можеме да заклучиме дека Македонија е еден многу искусен кандидат. Убаво е да се веселиме, да играме чочеци, сето тоа е во ред – дел од нашиот дух и култура, но многу побитно од тоа е да се насочиме и да видиме што во извештајот е критички напишано за да го подобриме. Ако не сме подготвени за објективна критика подобро да не славиме. Треба да слушате што кажува опозицијата, уште помалку треба да верувате на владата, а единствен фактор што треба да го послушате е препораката на Могерини – дека славење повеќе од пола ден не е добро. Не е добро не само по вашето здравје, туку не е добро и за реформите кои граѓаните ги очекуваат од нас. Затоа дајте, наместо да славиме, да ја искористиме оваа можност за вртење на една нова страница посветена на примена на вистински дијалог и конечно да прифатиме објективна критичност кога некој нешто ни кажува и навистина гледаме дека не чини. Не сум за критика поради критика, туку таа мора да биде објективна, издржана и пред се треба да нуди решение, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски во неговото обраќање во Собранието.

Според него, позитивна работа во оваа околност, е дека Македонија е на “меден месец” со ЕУ. Она што треба да обединува е интересот на граѓаните и само тоа ќе ја води Македонија на вистинскиот пат, на патот за интегрирање во Европа.

-Имаме добар вординг, убаво се оценува политичката клима и не би ја потценил во таа позитивна политичка клима улогата што ја има опозицијата, бидејќи денес опозицијата не можете да ја обвините за било кој неуспех или неиспорачан резултат на владата. Исто така не можете да ја обвините опозицијата за слабите економски резултати. Знаете дека политичка нестабилност се одразува на слаби економски резултати и доаѓате до еден парадокс во кој некоја друга опозиција во минатото имала деструктивни дејствија, а економијата растела, а денес имате опозиција која не дава никаков изговор за политичка нестабилност, а имате слаби економски перформанси. Како владејачка гарнитура треба да се погледнете во огледало и да кажете одличен е извештајот и се е супер, а каде ни се резултатите? Единаесет месеци!, рече Попоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.