Фудбалерите на Победа утре со почеток од 16:00 часот, на гостински терен кај Ренова ќе бркаат бодови за излегување од опасната зона на табелата.
После 26 одиграни натпревари Победа се наоѓа на 8-то место на табелата, со освоени 25 поени и со само бод повеќе од претпоследниот Пелистер и последниот Скопје.
Иако пролетниот дел од сезоната црвено-белите го започнаа со дури 11 засилувања, не го најдоа вистинскиот ритам за барем на момент да го напуштат црвениот дел од табелата.
Местото на кое се наоѓа Победа носи плеј аут натпревар со третопласираниот од втората лига, меѓутоа после минатонеделниот пораз од фенерџијата Скопје, тешко е за верување дека Победа ќе се задржи токму на таа позиција, ако под итно не се промени нешто во играта и пристапот на тренерскиот состав.
Од пред неколку дена нов тренер на клубот е поранешниот фудбалер Тони Мегленски, кој оваа сезона е четврти кој седнува на тренерската клупа после Штерјовски, Бубања и Kрчмаревиќ.
Пред сегашниот тренер, кој за време на предизборието за локалните избори минатата година беше присутен и на прес конференциите на сегашниот градоначалник Илија Јованоски, стои тежок предизвик.
Освен утрешното гостување кај Ренова, Мегленски и Победа до крајот на сезоната ќе се соочат со: Пелистер (гости), Вардар (дома), Шкупи (гости), Шкендија (дома), Академија Пандев (дома), Работнички (гости), Силекс (дома), Скопје (гости), Ренова (дома).
Прилепската фудбалска јавност не го крие разочарувањето од игрите на нивните миленици. Повторно враќање во понизок ранг ќе биде огромен шок и ќе предизвика бурни реакции, особено ако се земе во предвид дека едно од главните ветувања на новите општински власти беше кревања на спортот на повисоко ниво и вложување во инфраструктура за спортување.