Во рамките на 28-то коло од Првата фудбалска лига, Пелистер и Победа во Битола ги поделија бодовите. Натпреварот кој беше од клучно значење за двете екипи заврши со резултат 1:1 (0:0 на полувремето).
Победа водеше со погодокот на Даноски во 59-та минута, но се покажа како недоволно за триумф и отцепување од последните две места кои водат директно во понизок ранг на натпреварување.
Трифуновски во 83-та минута стрелаше за Пелистер и го израмни резултатот на 1:1, што се покажа како конечен исход.
Средбата ја одбележаа и 8 жолти картони, од кои два на Пелистер и 6 за Победа.
Веќе во наредното коло Победа има нов тежок тест пред себе. За противник го има сеуште актуелниот првак Вардар, а Пелистер гостува кај Работнички.
За потсетување е и тоа дека битолчани имаат еден натпревар помалку од црвено-белите.