Битола слави- храбриот Пелистер го освои македонскиот Куп и се закити со круната!

Екипата на битолски Пелистер е новиот освојувач на фудбалскиот Куп на Македонија. Иако во финалниот меч ја немаше фаворитската улога во судирот со тетовска Шкендија, сепак на крајот Битолчани заслужено се радуваат на круната која им обезбеди настап во Европа следната сезона.

pelisterrrr-640x334

Пелистерци попладнево во финалето на националниот куп кое се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица,  ја совладаа тетовска Шкендија со 4:3 по подоброто изведување на пенали. Регуларните 90, а потоа и дополнителните 30. минути немаше голови односно резултатот беше 0:0.

Во пенал рулетот фудбалерите на Шкендија не реализираа два удара, а пелистерци еден, по што во решавачката петта серија Баже Илиоски беше сигурен егзекутор поставувајќи ги конечните 4:3 за Пелистер. За битолчани ова е втор трофеј во Купот на Македонија откако пред 16 години, односно во 2001-година во финалето ја совладаа Слога Југомагнат со 2:1.

Со овој успех Пелистер обезбеди место во квалификациите за Лига Европа во кои ќе настапи и тетовскиот тим, како и трето пласираната екипа во шампионатот, место за кое се борат Работнички и Ренова, додека Вардар ќе не претставува во квалификациите за Лигата на шампионите.

Баже Илијоски е херој на Пелистер затоа што во пенал-рулетот го постигна последниот гол за победа над Шкендија во финалето и втора куп-титула за битолчани. По мечот, фудбалерот кој е најдобар стрелец во историјата на мак-фудбалот изјави дека е горд на својот тим кој успеал да го детронизира шампионот.

– Бевме подобар противник, можеби Шкендија имаше иницијатива, но ние промашивме неколку поконкретни шанси. Пенал-рулетот секогаш е среќа, но може целата Битола да се радува и да биде горда на нас. Промашените шанси малку ме раздрмаа, но останавме концентрирани. Се виде и последниот пенал. Јас сум искусен играч, додека не дојде последниот судиски свиреж јас не престанувам – изјави Илијоски.

За Илијоски ова е петта куп-титула во кариерата, со трет различен клуб.

„Чкембари” направија вистинска фешта на трибините. Верната навивачка група на Битолчани максимално ја даваше поддршката за својот тим.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.