Македонскиот фудбалски шампион Вардар се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа. Тоа го стори после победата над Фенербахче во двата натпревари со вкупни 4:1. После тој триумф и направениот најголем успех во историјата на македонскиот фудбал, свое видување имаше и нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев кој даде изјава за дневниот спортски весник Македонски Спорт.
-Честитки за Вардар, направија огромна работа. Да се пласираш во групите на Лигата на Европа воопшто не е лесно. Згора на тоа го направија со победа против Фенербахче.Уф, колку е тешко да се игра таму пред таква атмосфера. Тие имаат многу ѕвезди како Валбуена, Дирар, Исла. Вардар два пати ги победи. Секоја чест, вели Горан Пандев кој што беше дел од Галатасарај и добро му е позната атмосферата на тој стадион во Истанбул.
Пандев, кој што ја има освено Лигата на шампионите, смета дека пласман во групна фаза на едно европско натпреварување, не се изборува преку ноќ.
-Ова е успех на сите во клубот, пред се на вложувањата на првиот човек Сергеј Самсоненко. Кога би имале уште двајца – тројца како него во фудбалот, сигурно дека би било подобро за сите, и за репрезентацијата. Такви луѓе се потребни на Македонија. И таквите луѓе треба да се чуваат, а не да се бркаат и да се омаловажуваат и бркаат. Ова што го направи Вардар заслужува почит и е доказ дека клубот работи правилно. Гледате дека Вардар освои Лига на шампиони со ракометниот тим, а за тоа се зборуваше во Европа по цели денови. Беше блиску и со женскиот тим. Само така се прави добро во спортот и само така може да се издигне на едно повисоко ниво и не само клубот, туку и репрезентацијата. Затоа уште еднаш сакам да кажам да ги чувате луѓето како Самсоненко кои што носат успех во спортот и афирмација на Македонија. Како што на пример сега сите зборуваат за успехот на Вардар и пласманот во Лигата на Европа, смета капитенот на македонскиот национален тим.
Пандев воопшто не го омаловажува успехот ниту на Шкендија во Лигата на Европа.
-Шкендија ја имаше таа несреќа да игра со Милан. Или среќа да играат со еден гигант. Со овој Милан кој што во своите редови купи многу скапи фудбалери. Но и тие работат во последните години одат во добра насока. Ете, од година во година се се поблиску до групната фаза. И Дестани како и Самсоненко вложува во клубот, и Шкендија е издигната на далеку повисико ниво од порано. Такви луѓе се потребни во фудбалот, во спортот. Кога би имало повеќе, би било супер за сите. Уште еднаш честитки за двата тима, а на Вардар му посакувам среќа и успех во групната фаза од Лигата на Европа, и да избори пласман и во следната фаза, вели Пандев.