Фудбал: Симон Велкоски, некогашно крило и центарфор
-Играше за најсилните македонски екипи – Победа и Вардар
Од Мелбурн, Австралија, пристигна фудбалска легенда, Симон Велкоски. Најчесто на позициите лево крило и центарфор во шеесеттите години од минатиот век успешно настапуваше за Победа и Вардар. Повозрасните ги паметат по головите со нога и со глава. Сметаат дека имал врвни, прволигашки квалитети.
Почетоците?
– Прв фудбалски учител ми беше Коле Небрежанец. Во 1960 година ме препорача во Победа, со тренерот Владимир Моша Марјановиќ. Бргу станав резерва, потоа и првотимец во екипата, југословенски второлигаш.
Моша?
– Неговата добрина и знаење беа злоупотребени. Југословенска легенда со илјада голови дојде директно од Италија. Заврши неславно поради поединци. Отпаднавме од Втората лига.
Потоа?
– За тренер дојде Стојан Богоевски – Гајда, човек кој, немаше некои познавања. Кога го освоивме првото место во Републиката, нé напушти, а претстоеја квалификации. Немаше кој да биде главен и тоа се одрази. На полувреме со Железничар во Ниш сите од управата кажуваа како да играме. Нормално, не успеавме.
Следниот?
– Дојде Звекановиќ, со кого успеавме убедливо да бидеме прваци. Дадов 22 гола есента и осум пролетта. Овојпат квалификациите ги поминавме. Дома со Ловќен игравме 1-1, а во Цетиње победивме со 0-1, со голот на Ангелески.
Шансата за Прва лига?
– Во сезоната 1965/66. Последното коло, иако водевме со 0-1, загубивме со 5-1 во Сомбор. Бевме трети на крајот, а можевме да бидеме први за пласман во Првата лига. Победувавме и на гости. Им ја сокривавме топката на домашните. Тренер беше Радовиќ.
Успехот во Купот?
– Стасавме до 1/4 финалето. Со тренерот Игнатоски го совладавме прволигашот Вележ среде Мостар. Мислеа дека ќе биде лесно и ги победивме со 3-4. Голем успех. За нив бранеше репрезентативецот Ќурковиќ.
Игравте и за Вардар?
– Во Прва југословенска лига. Настапивме и во Средноевропскиот куп 1968 година со италијанскиот Каљари за кого играа големи ѕвезди, како репрезентативецот Џиџи Рива. Дома ги победивме со 1-0, таму со 0-1, а јас го дадов голот. По шут на Спасовски, топката се одби, натрчав и ја затресов мрежата. Стигнавме до полуфиналето, каде не елиминира Спартак Трнава.
Публиката?
– На многу места сум играл – Тетекс, Тиквеш, Пелистер, дури Напредак Крушевац, а никаде не сум видел публика како овде. Кога се враќавме од Цетиње, слично како ракометарите на Вардар, нé пречека народ на Дервен и на Плоштад. Цел Прилеп живееше за фудбалот.
Извор: Неделник Зенит