Обвинителството бара 10 години затвор за обвинетите за грабежот во „Тутунска банка”

Скопското Јавно обвинителство  на денешното рочиште побара од Судот на обвинетите за грабежот во „Тутунска банка” да им одреди највисока казна, која според Кривичниот законик изнесува 10 години.

Четворицата обвинети за грабежот денеска треба да ги изнесат завршните зборови. Тие на минатото судско рочиште ја признаа вина, но не открија што сториле со украдените пари.

Јавното обвинителство соопшти дека четворицата се изјасниле за виновни и оти со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра.

На 10 април годинава извршиле кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра.

Иако ги признале во целост наводите од обвинителниот акт, обвинетите не откриле што сториле со украдените пари.

Адвокатите побарале поблаги казни, бидејќи обвинетите ја признале вината.

Единствена олеснителна околност која може да им ја намали казната е тоа што обвинетите досега не се евидентирани како сторители на кривични дела.

Надлежниот обвинител кој постапува во предметот до Судот доставил и обвинителен предлог против други четири лица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, но тие несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.