„Пиреј“ од Петре.М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, е новата претстава што се подготвува во театарот „Војдан Чернодрински“, чија премиера ќе биде на крајот на април.
Првпат во драмска форма текстот е изведен во 1982 година во Битолскиот театар, во режија на Владимир Милчин, што значи по повеќе од 35 години се става на сцена, овој пат со прилепскиот театар.
– Петре. М. Андреевски не сум го работел за жал досега, но за среќа во мои зрели години се навраќам на него. Да се поставува Петре М. Андреевски секогаш има повод. Тој е голема инспирација и за мене како режисер и за сите соработници, но и за актерскиот ансамбл.
Велам голема инспирација затоа што Петре навлегува длабоко навлегува во судбината на овој народ, длабоко продира во неговата душа, и имам впечаток кога човек ги говори неговите зборови како да ги корне сопствнеите зборови од длабочината на сопствената душа. „Пиреј“ е објавен 1980 година, во други околности и станал популарен многу. А зборува за една доста горлива тема за нас и нашето поднебје, за нашето парчосување после Балканските војни и периодот на Првата светска војна, турбулентен период за нашиот народ, за неговата сиромаштија, за неговата борба, и со сите наезди и туѓи апетити во кој бил заробен овој народ.
Мислев асоцијативно дека и денес таа ситуација наликува многу. И затоа предизвикот е голем. Петре е актуелен и живее во некои непроменети околности последните сто години. Претставата „Пиреј“ ќе биде претстава за човекот, за расцепот на овие простори, за растргантоста на народот, бидејќи мене ме интересира субината на човекот од крв и месо – вели режисерот.
Во претставата ќе игра речиси целиот ансамбл на театарот, неколкумина пензионери, млади актери и гости. Сценографија ја работи Валентин Светозарев, костимите Андреј Ѓоргиевски, а автор на музиката е Димитар Андонов.
Претставата„Пиреј“финаниски е поддржана од Министерството за култура во програмата за работа за 2018 година на ЦК„Марко Цепенков“.
Ка.М.