Најстариот градски хор „Пере Тошев“ од Прилеп ќе одбележи 30 години постоење

18446917_1354581147955685_1727266242966706514_n

Најстариот градски хор „Пере Тошев“ во петок 12 мај со концерт во големата сала од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе одбележи 30 години од своето постоење. Хорот е формиран во 1987 година и досега учествувал на голем број реноминирани домашни и странски културни манифестации..

-Во изминатите години работевме како ентузијасти, со голема љубов и максимална посветеност. Пееме староградски песни, хармонизирани староградски песни и слично – вели Славе Мирчески, раководител на хорот.

На почеток хорот броел 25 членови, во чиј состав имало мешан хор и рецитаторска секција. Хорот во изминатиот период има настапувано на многу фестивали низ Македонија, но и надвор од Македонија.

-Неколку пати пеевме во Пустец, Р. Албанија и тоа за „8 Септември“ – Денот на независноста на Македонија. Лани бевме во Белград, настапивме таму на две манифестации и морам да кажам дека бевме пречекани со големи овации и публиката беше воодушевена од нашиот настап. Исто така лани настапивме и во местото Ханиоти во Грција каде на фестивалот исполнивме неколку хармозирани песни во отворениот амфитеатар и каде исто така публиката беше воодушевена од нашиот настап. Но, она што стави посебен акцент на оваа посета во Ханиоти е тоа што добивме благодарница на која не стоеше ФИРОМ туку Република Македонија. Тоа за нас беше необично задоволство и гордост“, велат од друштвото, потенцирајќи дека се горди на освоените награди и признанија, меѓу кои и третоноемвриската награда на Прилеп.

На јубилејниот концерт ќе настапат и КУД „Моминок,, ,,Севдах,, гости од Врање и „Прилепски еснаф“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.