Најдобрите ученици од Општините Прилеп и Долнени заедно со членовите на Детската амбасада за Сите Деца во Светот попладнево заминаа во посета на Австрија. Како што истакнуваат од Детската Амбасада ова било 12-та година откако се реализирал овој проект насловен како „Градиме мостови на пријателство“ преку кого децата досега посетиле повеќе држави. Проектот започнал кога децата од Србија дошле во посета на своите другарчиња од Македонија и го посетиле Пелистер. Целта на посетата на Австрија и на другите држави била преку запознавање на јазикот, културата и историското наследство, децата да се почитуваат помеѓу себе и да го негуваат искреното пријателство преку социјалните мрежи.
„Во овој проект сега се вклучени околу 40-тина деца и тие ќе патуваат за Австрија, во Виена. Групата е составена од најдобрите ученици од сите средни и основни училишта во Прилеп и по втор пат оваа година се вклучени околу 10-тина деца и од Општина Долнени. Проектот е поддржан од Претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов, голема поддршка во сите овие години имаме и од нашиот градоначалник Марјан Ристески, како и од градоначалникот на Општина Долнени, Боше Милошески. Целта на овој проект е ресоцијализација на децата затоа што учествуваат и деца од ранливи категории, членови на Детската амбасада, тие ќе патуваат, ќе се дружат и ќе запознаваат нови култури. Се надевам дека таму ќе запознаат многу деца и дека ќе ги негуваат потоа тие пријателства преку социјалните мрежи“, истакна Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на Детската амбасада за Сите Деца во Светот.
Освен Виена попатно децата ќе ги посетеле и градовите Братислава во Словачка, како и Будимпешта во Унгарија. Било планирано децата во Австрија да ги сумираат демократските вредности на една држава членка на ЕУ, како и да се запознаат со културното и историско минато на оваа земја.
„Јас по втор пат учествувам на едно вакво патување. Првиот пат бев во Италија, тоа беше едно одлично искуство, запознавме многу другарчиња од таму. Сега одиме во Виена и се надевам дека и овој пат ќе биде одлично патувањето и дека и од таму ќе се запознаеме со наши врсници“, кажа Благоја Овезоски, ученик во ООУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.
Децата денеска ги испрати и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, кој на сите им подели по еден пригоден подарок.
„Денеска дојдовме традиционално да ги испратиме дечињата кои учат во двете општини Прилеп и Долнени, им посакувам среќен пат, им посакувам да си поминат убаво, ова е една навистина интересна екскурзија. Ќе бидат посетени градовите Виена, Будимпешта и Братислава. Голема благодарност до Претседателот на Македонија и до МНР. Овој проект треба да продолжи и понатаму, а децата покрај дружење ќе научат и нови искуства кои се надевам дека ќе ги практикуваат и тука“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Ова пак патување за Австрија било поддржано уште и од Мермерниот комбинат од Прилеп, „Мартекс“, „БИМФУД“, пекара „Алекс“, пекара „Стара Фурна“ и фирмата „Кватро“ од Куманово.
Досега преку овој проект биле посетени Србија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Грција, Турција, Италија како и Ватикан. Ваквите активности резултирале со возвратни посети на дел од децата од државите кои биле посетени од Детската амбасада за Сите Деца во Светот.