Му прогнозираа дека ќе живее само неколку години, но тој ги надмудри лекарите (видео)

Познатиот бритaнски теоретски физичар и светски генијалец Стивен Хокинг починал рано утрово во својот дом во Кембриџ на 76 години, јавуваат британските медиуми

„Тажни сме поради смртта на нашиот татко. Тој беше голем научник и неверојатен човек чии дело и наследство ќе живеат со години“ стои во известувањето кое го објавиле неговите деца.

Хокинг е познат по придонесите кон космологијата и квантната гравитација, а својата научна работа посебно ја посвети на истражување на црните дупки во вселената преку која ги износува своите теории за универзумот.

Тој беше омилениот физичар на јавноста затоа што јасно говореше за мистериите на универзумот, времето и црните дупки, а ја напиша и популарната книга „Кратка историја на времето“ објавена во 1988 година, која стана меѓунареден бестселер.

Стивен Хокинг е роден во Оксфорд во 1942 година и заврши студии по физика на Универзитетот Оксфорд, додека пак докторската дисертација од областа на космологијата ја одбрани на Универзитетот Кембриџ.

На 22 години му била дијагностицирана неизлечивата мускулна и нервна болест АЛС (амиотрофична латерална склероза) поради која му беа предвидени уште само неколку години живот. Поради болеста постојано беше врзан за својата инвалидска количка и не можеше да зборува без синтетизатор на гласот.

Неговиот придонес кон науката ќе остане траен доказ и потсетување за моќта на човечкиот ум и волјата да се живее и покрај тешката болест и останатите препреки.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.