Министерство за одбрана распишува конкурс за прием на нови 125 професионални војници

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска најави дека утре го формализираат и го објавуваат првиот конкурс за прием на нови 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија, кој ќе биде дел од вкупно 375-те нови професионални војници кои треба да го зајакнат армискиот состав.

Посочи дека со тоа се дава придонес и на политиката на Владата на Република Македонија за создавање нови работни места кои ќе бидат подобро платени.

– Целта ни е со ваквиот чекор, како и со зголемување на платите на воениот состав во Армијата на Република Македонија да решиме три прашања, прво да ја зголемиме стабилноста и безбедноста на нашата земја, второ да дадеме шанса на младите луѓе во Република Македонија и трето да ја продолжиме тенденцијата на пораст на платите која беше објавена во јануари, посочи денеска Шекеринска по посетата на Воено-медицинскиот центар во Скопје.

Таа ги повика сите млади луѓе на возраст до 25 години со завршено средно образование кои веќе доброволно го отслужиле воениот рок да се пријават на овој конкурс и да дадат шанса за својата генерација, да создадат шанса, но и да влијаат на зајакнување на составот на Армијата на Република Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.