Според наши информации денеска во посета на населбата “Тризла” во Прилеп доаѓа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. После минатонеделниот политички срам кога медиумите од целата држава објавија за изборен поткуп со брашно и масло во оваа населба во која претежно живее ромско население, денес населбата ќе ја посети и првиот човек на министерството.
Прашањето кое се поставува е дали Царовска ќе го оправда политичкиот активизам на својот намесник директор во Центарот за социјална работа Прилеп Живко Силјаноски и на лице место ќе се вклучи во акцијата за маипулирање и поткуп на ромското население?!
Што ли бара за време на предизборна кампања и тоа за локални избори министер и која е конкретната цел на оваа посета?
Вака ли СДСМ врши разграничување на државата од партијата, нешто што постојано се потенцираше во предизборната кампања минатата година.
Ова се прашања кои со сигурност ја интересираат јавноста и кои заслужуваат одговор.
Инаку населбата Тризла во Прилеп е место каде СДСМ и нејзините први луѓе беа активни и за време на декемвриските парламентарни избори, кога исто како и денес се говореше за поткупување на населението и вршење на различни заплашувања и притисоци.
За минатонеделниот активизам на директорот Живко Силјаноски пишуваа речиси сите медиуми во државата, а Силјаноски беше и фотографиран со пропаганден материјал како разговара со населението од населбата.
Тогаш прилепчани прашуваа што ли им ветува директорот на Ромите во Тризла и дали се делат социјални бенифиции во пресрет на локалните избори, нешто што се коси со изборниот законик.
Од друга страна Царовска како министерка нема надлежност да им изгради улици, канализација или да им постави улично осветлување на Ромите од Тризла. Нејзиното министерство не е задолжено за инфраструктурни проекти од ваков карактер. Па од таму е прашањето што ќе им ветува министерката на граѓаните и дали скриено од јавноста ќе се делат социјални бенифиции, нешто за што кружат чаршиски муабети дека се случувало во населените места Канатларци и Ерековци?!
Инаку името на министерката Царовска со населбата Тризла и ромското население се поврзуваше и претходно, кога во месец август излезе напис за укинување на социјална помош на жители на оваа населба поради добивање на одредени парични средства од странство преку системот на брз трансфер на пари. Тогаш Закир Бекири Чауш од затвор објави списоци на социјалните мрежи со имиња и презимиња на луѓе, на кои министерката директно според него им ја укинала социјалната помош. (Повеќе на следниот ЛИНК)
Наместо во Тризла, Царовска треба од центарот на Прилеп да објасни до каде е спроведувањето на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци и колку мигранти ќе бидат населени во Прилеп, а потоа да објасне и зошто на прилепчани им беше ускратено правото на референдум да се изјаснат околу оваа стратегија и дали таа директно го има побарано тоа?
Покрај ова, Царовска треба да ги посети и пензионерските домови во Прилеп, каде на пензионерите треба да им објасне зошто на нивните сметки не добија повисоки месечни примања, како што добиваа од претходната влада.
Инаку посетата на министерката за труд и социјална политика во Прилеп, доаѓа само неколку дена по посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на истата населба, кој пред големиот народен собир во петокот во центарот на градот, одржа мини митинг пред стотици жители од оваа населба. На оваа средба Ромите истакнаа голема поддршка за актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат Марјан Ристески, кој во изминатите години реализираше голем број на проекти за ромското население, а особено значајно за нив беше помагањето на изградбата на новата џамија.