Масовен протест на КСС: Се бара почитување на гласот на работниците за пристојна работа и пристоен живот

Конфедерацијата на слободни синдикати денеска од Порта Македонија го почна протестот барајќи усогласување на платите со зголемувањето на минималната плата, исплата на К-15 во јавниот сектор и почитување на колективните договори.

Лицата кои протестираат се движат од Порта Македонија преку Министерството за правда до Владата на Република Македонија каде се очекува да ги испорачаат своите барања.

Претставници на КСС вчера остварија средба со потпретседателката на Владата, Радмила Шекеринска и министрите Мила Царовска, Рената Дескоска и Дамјан Манчевски на која ги образложиле нивните барања.

– Мораме да бидеме искрени дека вчера имавме средба во Владата на која беше кажано дека се разгледуваат нашите барања и мора да бидеме малку трпеливи за да се направат дополнителни консултации и пресметки околу нашите барања. Се надеваме на искреност и конструктивност од нивна страна и мислам дека треба да продолжиме по овој пат што го почнавме како Конфедерација на слободни синдикати за да може на еден демократски начин да имаме пристоен приход и пристоен живот за сите работници во државата, изјави претседателот на КСС Благоја Ралповски.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков изрази уверување дека Владата ќе биде отворена за соработка со репрезентативните синдикати и, како што истакна, во овој момент не е доведен во прашање почетокот на второто полугодие на учебната година.

– Од министерката за образование и наука добивме ветување дека час поскоро, од понеделник, ќе седнеме и отворено ќе разговараме за сите проблеми кои ги имаме во дејноста образование, така што одлуката за да не започне второто полугодие треба да ја донесе орган, а во овој момент нема потреба за тоа, изјави Неделков.

На вчерашниот состанок, како што информираше Владата, министерката Царовска информирала дека во тек се анализи за покачување на коефициентите на вработените во одредени сектори, покрај веќе договореното зголемување на платите за вработените во градинките.

Таа истакнала дека се настојува да се надминат досегашните парцијални и нецелосни решенија со цел изнаоѓање на системско решение при што ќе бидат понудени основни начела за утврдување на плати.

На средбата е истакнато дека во Буџетот за 2018 година се предвидени покачувања на платите во образованието, здравството, социјалната заштита и одбраната. Претставниците на Владата ја повториле и подготвеноста да се разговара и за други идни покачувања на платите согласно колективниот договор и буџетските можности, како и за реформите во администрацијата.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.