Најавите на Зоран Заев и претходно на Фрчковски дека ќе го распуштат судството и ќе вршат реизбор немаат никаква уставна и законска основа, нагласува поранешниот министер за правда Михајло Маневски. Тој вели дека Заев најавува дека покрај судството ќе го руши и правосудството, што претставува класично кршење на законите.
– Сите реформи во судството се правени по препорака на Европската комисија. ЕУ бараше судиите да бидат избрани без ограничување на мандатот, како и да се формира Академијата за судии. Јасно е дека за реизбор на судии нема никаква законска и уставна можност – објаснува Маневски за Телеграф.мк.
Заев вчера најави распуштање и реизбор на судии, потег кој политичка партија не би смеела да го најавува доколку пропагира независност на судството.
– Паралелно веднаш ќе мораме да ги отвориме процесите за независноста во судството. Ние докажавме дека нема правна држава во Македонија. Ветивме и чиста ни е состојбата по ова прашање – распуштање на судството и негов реизбор – изјави Заев за „Радио слободна Европа“.
Поранешниот министер нагласува дека за промена на речиси сите закони поврзани со судството е потребно двотретинско мнозинство во Собранието и Заев тешко ќе може да ги реализира. Според него, потребно е да се слушне и ставот на Европската Унија за најавите на Заев бидејќи тој човек претендира да биде на чело на владата.
– Ако ЕУ не реагира, тоа ќе значи дека ги руши реформите што инсистираше да бидат спроведени. Очигледно е дека Заев сето ова го прави смислено за да ги заплаши судиите – дециден е Маневски.