Македонците во Мала Преспа го одбележаа празникот Голема Богородица

Македонците од Мала Преспа го одбележаа празникот Успение на Пресвета Богородица во селото Церје.

 

mala-prespa

– Во дворот на црквата, чиј патрон е празникот, беа не само сегашни жители на селата од Мала Преспа, туку и поранешни жители и нивни потомци, кои денеска живеат во други делови на Албанија, но и соседните земји. Посебно тука беа Церјани за кои важи изреката, каде и да се, за овој празник тука да се, изјави Васил Стерјовски.

Со нив беше и градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, кој честитајќи им го празникот им посака здравје, среќа и благосостојба.

По литургијата во црквата „Успение на Пресвета Богордица“, одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.

По повод празникот, честитка до сите Македонци упати македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и разгранокот за Голо Брдо.

– Почитувани и љубени Македонци и Македонки во Република Албанија, од името на македонското друштво „Илинден“ и разгранокот за Голо Брдо, искрени честитки по повод големиот празник, посветен на  Божјата Мајка. Посакуваме сите да одиме  по примерот на Пресвета Богородица, да љубиме, почитуваме, да правиме само добри дела, стои во честитката.

Голем број македонски семејства Денот го одбележаа како домашна слава, почитувајќи ги наследените обичаи на нивните претци.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.