Македонски студент од Битола на трибина го стаписа евроамбасадорот Жбогар

“Мораме да си го земеме назад просторот кој ни го загадија разноразни бескичмењаци кои би ја продале сопствената мајка за некое евро повеќе. Да се ангажираме во процесот против кој не можеме да се бориме, а реално и не треба да се бориме ако не е контаминиран од кукавици, предавници и платеници”, стои во крајниот дел од Фејсбук статусот на битолчанецот Петар Котевски

ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ ПРОЧИТАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ СТАТУС:

ЈАС НА ТРИБИНА ЗА ИДНИНАТА НА ЕУ

Вчера бев на отварање на изложба по повод 60 години почетоците на ЕУ, и во нејзините рамки имаше отворена дискусија на амбасадорот на ЕУ со студенти од Битола, која се одржа во малата сала.

99% од Битолчани не беа свесни дека се одржува оваа трибина, и како резултат имаше публика генерално составена од студенти на кои им беше речено да присуствуваат, нивните професори и асистенти заедно со факултетската управа на Битолскиот правен факултет, и понекој претставник на невладините организации кои гравитираат околу претставниците на ЕУ.
Беше и новата градоначалничка, која иако седна на средина од прв ред, замина 5 минути откако почна трибината, пошто сликањето заврши. Ама му пушти пусулче на Жбогар за да му се извини што нема да слушне што мислат студентите за ЕУ, иако се сомневам дека разбира англиски.

Модераторката неколку пати нагласи дека целта на трибината е амбасадорот да чуе што мислат студентите за иднината на ЕУ, но тоа не остави впечаток меѓу оние што ги поставија првите неколку прашања – кои изнапрашаа секакви работи (Каталонија, Брексит, мигрантите кои не постојат) освен за Македонија.

Кога дојде ред на мене, јас немав прашање, само објаснив дека иако на хартија принципите на унијата (човекови права, слобода на говор, владеење на закон) се општоприфатливи, реалната состојба на унијата е комплетно спротивна на принципите на хартија. И никаде тоа не е повидливо отколку во Македонија, каде со спонзорство на ЕУ се доведува во прашање основното човеково право за самоопределување (преку притисоците за „добрососедство“ и името), и каде ЕУ наместо да го промовира владеењето на законите, спонзорира нивно прекршување преку воведување паралелни институции како СЈО, концептот на решавање на проблеми со „лидерски средби“ ала Пржино. Конечно прашав директно дали ЕУ смета дека прашањето за самоидентификација треба воопшто да се дискутира во рамките на пристапниот процес на една земја кон ЕУ, како тоа што се бара од Македонија.

Пред да одговори амбасадорот, модераторката праша колку од публиката го споделува моето мислење. Се кренаа само рака или две од околу 100тина луѓе. Тогаш сестра ми, која беше една од кренатите раце гласно праша:

„Разбравте што кажуваше човекот?“ Бидејќи трибината беше водена на англиски јазик, јас моето излагање го кажав на англиски. Испадна дека повеќето луѓе не го разбрале, па преведувачката дојдена со амбасадорот го преведе (доста верно, можам да кажам). Кога модераторката уште еднаш праша колку од публиката го споделуваат моето мислење, срамежливо се кренаа околу 30-тина раце, главно студенти.

НИКОЈ ОД ВРАБОТЕНИТЕ ВО НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО БИТОЛА НЕ КРЕНА РАКА. Ни професорите, ни асистентите, ниту управата. Би било интересно да ги прашаме, како вработени во администрацијата на МАКЕДОНИЈА како би го аргументирале нивното несогласување со моите тези.

Одговорот на амбасадорот беше стандардно дипломатски. Не дојдовме сами да помагаме во Пржино, туку бевме поканети – иако ние знаеме дека тоа не беше така, така беше изведено и така беше запишано, па сега нема што да се буниме. Понатаму, не биле прекршени законите со формирањето на СЈО и со „Пржинските преговори“ затоа што на крајот гласал парламентот. Јас му предочив дека за да гласа парламентот требаше да бидат ИЗМЕНЕТИ законите во спротивност со уставот – на што тој низ потсмев ми одговори да сме почекале што ќе кажел Уставниот суд.

Исто ќе ни речат кога ќе ни го сменат името, и кога ќе ни се распадне државата. Ќе речат – вие гласавте за тоа, во вашиот сопствен парламент си го изгласавте. Затоа беше важно овие избори да се бојкотираат, ама нејсе – тој воз помина.

Секако, малку беше важно што ќе одговори амбасадорот на моите прашања. Многу беше поважно што студентите (кои беа присутни на трибината затоа што мораа) слушнаа нешто што не го слушаат нон-стоп преку телевизија, аргументирано на начин кој не се повикува на Господ, клетата судбина на Македончето или ВМРОбовски запомагања. Така треба да се бориме, човек по човек, аргумент.

Следната позитивна работа е дека не може Жбогар повеќе да рапортира назад дека граѓаните во Македонија кажуваат само позитивни работи на трибините, а проблем со унијата имаат само селаните кои ги лаже ВМРО.

Мораме да си го земеме назад просторот кој ни го загадија разноразни бескичмењаци кои би ја продале сопствената мајка за некое евро повеќе. Да се ангажираме во процесот против кој не можеме да се бориме, а реално и не треба да се бориме ако не е контаминиран од кукавици, предавници и платеници.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.