Кај депонијата Алинци веќе се гради фабриката за секундарна селекција на отпадот, инвестиција која ќе чини околу 60 милиони денари и ќе отвори околу 200 работни места. Фабриката се планира да прерасне во еден модерен комплекс поврзан со заштита на животната среднина кој ќе овозможи селекција на отпадот, подобрување на еколошките аспекти на целиот регион.
„Ја работиме втората фаза од секундарната селекција на отпад во моментот се гради халата 1450м2, целата оваа инвестиција за изградба на првата фабрика за секундарна селекција на отпад во Македонија ќе чини 2 милиони евра„, посочи Залатко Ристески директор на ЈКП „Комуналец“.
„Радува фактот што сме општина која е една од еколошки најчистите општини во земјава, а исто така со задоволство и радост може да кажеме дека Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ќе бидат корисници на уште едни средства кои доаѓаат од ЕУ, со што докажуваме дека Општина Прилеп на ниво на Македонија претствува лидер во користење на ЕУ фондовите и средствата на другите фондации кои се присутни во Македонија, посочи градоначалникот Марјан Ристески.
ЈКП „Комуналец“ ќе гради компостара со средства обезбедени од ИПА програмата од третата компонента за прекугранична соработка. Овој грант за изградба на компостарата изнесува 10.675.000 денари и опфаќа чистење, тампонирање, набивање на плато и набавка на машини за компостарата. Компостарата ќе биде изградена кај депонијата Алинци, веднаш до фабриката за секундарна селекција на отпадот.