Македонската јавност во изминатите 90-тина дена откако е формирана новата влада на СДСМ се навикна на еден куп неповрзани изјави и меѓусебни демантирања од новите министри и функционери, а сето тоа околу чувствителни теми кои го брануваат општеството и го загрижуваат обичниот граѓанин.
Последна во низата такви изјави е изјавата на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој вели дека во Прилеп немало да се градат стамбени згради за бегалци.
Но, министерот и сограѓанин на прилепчани заборави дека неговата колешка во владата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска веќе јавно кажа дека владата целосно стои зад Стратегијата и дека овој документ е стратешка позиција на Република Македонија.
Сугарески очигледно ја нема прочитано Стратегијата за интеграција на бегалци и странци, или пак како и за автопатите и експресниот пат Прилеп-Градско ќе тврди дека мигрантите ја згрешиле трасата и се истовариле во Македонија.
Во самата стратегија која е предложена од Владата на СДСМ и Зоран Заев и Министерството на Царовска стои дека до крајот на годината предвидено е почнување на 71 проект., пишуваше Курир пред извесно време.
Сугарески не видел дека во секторот „Домување“ се вели дека треба „да се идентификуваат и обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови“. Очекувањата на Владата и Министерството се „Достапни локации за изградба на социјални станови“.
За чија валкана кампања говори министерот од Прилеп и дали воопшто е свесен кој предвидува црно сценарио за Македонија?
И покрај тоа што овие податоци се јавни и во нив недвосмислено може да се види што следува и со какви проблеми ќе се соочат општините и граѓаните, функционерите на новата влада како навијани повторуваат дека такво нешто нема.
Вакви гафови не се ништо ново за министерот Сугарески, кој минатиот месец обвини за погрешени траси на изградбите на новите автопати и експресниот пат Прилеп – Градско. Како и сега и тогаш министерот не проверил дека компаниите кои ги градеа патиштата во Македонија, имаат градено во речиси половина свет и се работи за светски реномирани фирми.
Наместо со вакви изјави, министерот можеше да се позанимава со пожарите кои изминатиот период го пеплосаа Прилеп и уништија илјадници хектари со шума.
Но, можеби и дождот ја погрешил трасата, па го одминал Прилеп…
А/Г/