Измени на законот за возачите над 65 години во Македонија

По повеќе од шест месеци собраниска и владина процедура, деновиве стапија на сила измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата што се однесуваат на поврасните возачи. Измените предвидуваат возачката дозвола за лицата постари од 70 години да се издава со рок на важење до три години, наместо до 65 години како што тоа беше случај до сега, информира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
.
Возраста на возачите претставува еден од факторите што значително влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Генерално, постојат две најзастапени групи учесници – причинители на сообраќајни незгоди, а тоа се младите возачи на возраст до 24 години и возачите постари од 60 години. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди кај овие возачи е повисок во однос на останатата популација возачи. Во младите години, како предуслов возачите да учествуваат во сообраќајна незгода, се наметнува недоволното искуство и обученост за справување со предизвиците во сообраќајот, а во постарите години, тоа се физиолошките и психолошките промени кај личноста.

Повозрасните возачи се соочуваат со опаѓање на психофизичките функции, а нивните психомоторни способности се на пониско ниво, со што доаѓа до зголемување на индивидуалните разлики. Поизразени промени во делот на функциите на целиот организам и перцептивно-моторните способности се јавуваат по 40 годишна возраст.

Промените на функциите кај повозрасната група возачи се прикажуваат преку слабеење на видот, посебно можноста за гледање во ноќни услови и во услови на заслепување. Реакциите кај овие возачи се побавни, а движењата помалку координирани. Краткотрајното паметење и обработката на информации се послаби, така што возачите на оваа возраст тешко можат да проценат сложена сообраќајна ситуација. Тешко се одлучуваат и не можат да го прилагодат маневрирањето при ненадејни и изненадни промени на сообраќајната ситуација бидејќи имаат проблем со времето во сите фази на прием, обработка и пренос на информациите.

Според научните согледувања, најголем број од незгодите што ги предизвикуваат возачите постари од 65 години, можат да се припишат на информациските пропусти. Со стареењето, процентот на незгоди што се случуваат поради информациски пропусти и погрешно донесени одлуки, значително се зголемува. Сериозен недостаток кај старите возачи претставува можноста за навремено забележување и одржување растојание.

Потребно е да се истакне дека возрасната група – постари возачи не претставува хомогена целина бидејќи меѓу нив постојат големи индивидуални разлики што се зголемуваат со текот на годините. Затоа, не е пожелно да се ограничуваат старосните граници во поглед на дозволата за возење, освен во случај кога непосредните фактори упатуваат на тоа. Во оваа насока, законодавецот во Р.Македонија за категоријата постари лица предвидува ограничувања што се однесуваат на важноста на возачката дозвола која им се издава на овие возачи. Имено, според новите измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во член 304 став 1 се предвидува возачката дозвола за лицата постари од 70 години да се издава со рок на важење до три години.

На лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 65 години, возачката дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 70 години возраст.

Возачката дозвола може да се издаде или нејзината важност може да се ограничи и на пократки рокови, а во зависност од наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.