Во петок 7 јули 2017 година во 19 часот во галеријата од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „4Ж“ од уметницата Александра Петкова Гианели.
За Изложбата – “4Ж”
Во најновиот циклус слики акрил и мешани медиуми на уметникот Александра Петкова Гианели насловена 4Ж, жена, желба, жиг и живот, веднаш воочлива е визуелно-естетската привлечност на насловот. Секоја од сликите во опусот доследно, но се чини и причинско-последично е поврзана со останатите дела, градејќи единствена приказна на женското искуство. Набрекнати од интертекстуална и интеркултурна слоевитост од стилизирани вегетативни мотиви, антички ритуални фигури, египетски и грчки митолошки суштества, и канонски препознатлива византиска фрескосликарска претстава на женската физиономија, композициите ја брануваат потсвеста и предизвикуваат чувство на познато, блиско и препознатливо, а воедно свежо и моќно присутство. Низ елегантните и раздвижените женски фигури се истражуваат и вообличуваат модалитетите на природата, потенцијалот, плодноста и потребата на биолошко и индивидуално рамниште за ликот. Таквите женски ликови кои делуваат освестено и будно, со широко отворени очи и јасно насочен поглед, се сопоставени со мистериозни и дистанцирани машки фигури со животински симболи на мажественост, поблиски до мечти и соништа отколку до вистински луѓе, потенцирајќи го просторот помеѓу како поле на неоствареност но и потенцијал. Едемската вегетативна изобилна позадина дава живост и виталност, дополнувајќи ја и потенцирајќи ја идејата за женскиот принцип на живототворна сила, дотолку што флуидните женски тела ги претпоставуваат сите психофизиолошки димензии од сексуалната, преку приемчивоста, до мајчинската, заштитнички колку и што се ранливи. Сложеноста на женското искуство се проширува и на ритуално и спиритуално ниво, преку статуи и ореоли околу жените, како обиди на општеството да ја дефинира, устрои и искористи за општесвени цели секоја сила створена од природата. Истите елементи се дел од обидот на општеството и самата женска единка да пронајде смисла во своето тело и своето постоење. Нескортливоста и неможноста за логичко дешифрирање на било кој природен феномен се огледа во сублиминалните елементи на долги коси, брада, и подивеаната шума од лијани и грмушки. Полисемичноста на елементите во секоја композиција е фокусирана и врамнотежена со монохроматски површини и аглести рамки кои нудат барем привремена починка и потпирач за непрекинлива пулсирачка женственост, желба, живот и жиг.
Кратка Биографија
Александра Петкова Гианели
Дипломирана на отсекот вајарство ,со подотсек рачна изработка на хартија при Факултетот за ликовни уметности – Скопје .
Во 1999 е добитник на 1ва награда “Јустинијанова Порта” од архитектите на град скопје како дел од “Мариовската Градителска тајфа” под раковотство на Вангел Божиновски и Васил Иљов.
До 2012 има остварено две самостојни изложби во Република Бугарија “7 дена грев” и Република Грција насловена како “Создавање” , учесник е на повеќе од тридесет групни изложби во Македонија, Грција, Бугарија, Романија , Италија, Турција, Кина …
Од 2012 до денес живее и работи во Република Кина, каде има остварено три самостојни изложби “Луѓе на сонцето 1” , “Луѓе на сонцето 2 “и последната од кој дел може да видите и овде насловена како “3Ж ”