Иванов за британски „Телеграф“: Неуспехот на ЕУ на Балканот го користат Кина и Русија

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за лондонски Телеграф смета дека Европска унија ја остава вратата отворена за стратешко позиционирање на Кина и на Русија на Балканот поради нејзиниот апсолутен неуспех да се ангажира и да инвестира во регионот.

“Престижниот и еден од најраспространетиот британски медиум интервјуирајќи го претседателот Иванов ја анализира состојбата во Македонија низ призма на нејзините европски и евроатлантски интеграции, спорот со името и односите на ЕУ со Кина и Русија.

„Европската унија ја остава вратата отворена за кинеското и руското влијание на Балканот, поради нејзиниот апсолутен неуспех да се ангажираат и да инвестираат во регионот. До неодамна, не видовме руска инвестиција во Македонија. Но, како што Европа се повлекува, односно не опстојува на своите ветувања дека Балканот ќе стане дел од Европската унија, тоа е како повик на ЕУ до другите да дојдат и да го пополнат тој простор “, изјави претседателот Иванов за „The Telegraph“.

Во интервјуто Иванов го посочува неуспехот на Европа да ги насочи инвестициите во инфраструктурниот коридор исток-запад кој ги поврзува Јадранското и Црното море како пример за кратковидоста на ЕУ, како што се фокусираше на коридорот север-југ што ги поврзува Грција и Србија.

“Сега сме во ситуацијата во која ги користиме кинеските пари и кредити за изградба на европски коридор кој поминува низ територијата на Македонија. Тоа е парадоксот. Тоа е она на што мислам кога зборувам дека Европа се повлекува. Тоа е како повик за Кина “, додава тој.

Британски „The Telegraph“ констатира дека зголеменото влијание на Русија, Кина и Турција на Западен Балкан повторно e во фокусот на загриженост во Европа, што беше и причина да се најде на дневен ред на Самитот на европските лидери во јуни минатата година, делумно и по барање на Велика Британија.

Безбедносните претставници на Обединетото Кралство предупредуваат за зголемениот ризик од руското мешање во Македонија, како што земјата се ориентира кон евро-атлантската сфера, додека пак со вознемиреност гледаат како Кина влегува со инвестиции преку шемата “16 + 1″ во земјите од Централна и Источна Европа, пишува весникот.

Намерата на Македонија да се приклучи на ЕУ и на НАТО во моментов е блокирана од Грција, која стави вето на разговорите за членство поради долготрајниот спор околу правото на Поранешната Југословенска Република на името што го носи и регионот во северна Грција, констатира весникот.

Во своето „Обраќање на Унијата 2017“, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер предупреди за потребата од „веродостојна” политика на проширување за Западен Балкан поради потребата од стабилно соседство, но главниот град на ЕУ остана отпорен на ова.

Иванов рече, пренесува весникот, дека континуираното блокирање на Грција за влезот на Македонија во НАТО, или почетокот на преговорите за пристапување кон ЕУ, сепак, ја остави земјата во геополитичка неизвесност, што го карактеризира изолираниот пристап на Европа кон предизвиците со кои се соочува континентот.

“Имаме политичка криза на секои две до три години”, рече тој, “Замислете го чувството кога сте заглавени во лифт две или три минути. Тоа чувство е депресивно. Тоа ве прави да се чувствувате немоќни. Замислете како ни е нам, заглавени во таков лифт веќе 26 години. “, изјави Иванов во интервјуто.

Весникот констатира дека Иванов лобира Македонија да биде ослободена од таа неизвесност, но истовремено Претседателот предупредува дека како што покажа мигрантската криза во 2015 година – „Европа треба да ја научи лекцијата од историјата и да не ја занемари крстосницата што ја поврзува ЕУ со нестабилниот Блиски Исток и растечката Кина“.

„Бизмарк не случајно еднаш рече дека кој ја контролира долината на реката Вардар, ги контролира патот меѓу Европа и Блискиот Исток. И кој ги контролира патот меѓу Европа и Блискиот Исток, исто така ги контролира патот од Европа до Азија”, заклучи тој. “Се чини дека ЕУ го заборавила ова”. Со овој цитат на претседателот Иванов британски „The Telegraph“, ја завршува статијата посветена на Република Македонија.

Претседателот на Република Македонија, минатата недела престојуваше во работна посета на Велика Британија, во рамки на која одржа предавање на престижниот Универзитет„Оксфорд“, се обрати на Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам Хаус“ и оствари средби со спикерите на Горниот и Долниот дом на британскиот Парламент”.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.