ИСПОЛНЕТО ВЕТУВАЊЕ ЗА 260 РАБОТНИЦИ, ПЛАТА 500 ЕВРА „АМА-ГОДИШНО“ РЕВОЛТИРАНИ ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ПРИЛЕП-ГРАДСКО (ФОТО+ВИДЕО)

Веќе неколку месеци трае голготата за 260 работници во прилепскиот „11 Октомври Еурокомпозит“. Овие луѓе Божикните празници ги дочекаа само со ветување и со 5000 денари и со надеж дека ќе им се исплатат 14 заостанати плати.

Од 11 часот целосно беше блокиран сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Градско кај местото викано „Запошки мост“ на излезот од Прилеп, информира АМСМ.

Од АМС информираа дека сообраќајот е блокиран поради јавен собир од страна на околу 40 вработени во „11 Октомври Еуро Композит“ со поставување патничко моторно возило.

Синдикалната организација на „11 Октомври Еурокомпозит“ АД Прилеп и на „Композитна опрема“ ДООЕЛ пред три дена до Министерството за внатрешни работи и до Основното јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против директорите на овие компании за злоупотреба на службената должност, објави порталот МКД.МК

Како што пишува во пријавата Александар Кузески од Охрид, директор на „Еурокомпозит“ и Тони Дукоски од Охрид управител на „Композитна опрема“ ги повредиле правата на вработените и ја злоупотребиле службената положба.

Кузески се сомничи за незаконска исплата на аванси за вработените при што била направена повреда на правата на работниците.

Вработените сметаат дека Кузески спротивно на Законот за работни односи, за патни трошоци од Охрид до Прилеп си исплаќал пари исто како и пратениците што е „спротивно на член 113 од ЗРО, каде што е наведено дека работникот има право на надомест на трошоци при користење на приватен автомобил за службени патувања, но не и за одење на работа како што тоа го прави нашиот директор“.

Синдикалната организација смета дека Дукоски како управител на „Композитна опрема“ во два наврати без никаква основа уплатил пари во фирмата „Ројал логистик интернационал“ со седиште во Велгошто, Охрид, фирма основана од него, а управувана од неговиот син.

Инаку околу 260 вработени во овој прилепски загубар од четвртокот минатата недела излегоа на штрајк и ги побараа ветените исплати на околу 14 плати и придонеси од месец јули 2012 година, за кои премиерот Заев се обврзал дека Владата ќе им ги исплати до пред Нова година.

Вработените исто така ја бараат и платата од 2018 година, за која добиле само по 5000 денари линеарно.

Во петокот тие ја блокираа и главната крстосница во центарот на Прилеп, а потоа се упатија и пред седиштето на општинската организација на СДСМ.

Вработените и синдикалната организација во оваа компанија минатата година беа под постојан притисок и им беше ускратувано правото на штрајк, а синдикатот не смееше да дава изјави.

Дури пред локалните избори во октомври месец минатата година, на сметките на вработените, според тогашните информации, легна плата во висина од 1 денар.

И тогаш ветените 3 плати за 45 дена, за кои поминаа повеќе од 130 дена и не ги добија, и сегашните ветувања, се само залажување и на јавноста и на семејствата на овие 260 вработени, кои крпат крај со крај и се борат со тешка голгота.

ПОСЛЕ 6 МЕСЕЦИ ОД ДОАЃАЊЕТО НА НОВОТО РАКОВОДСТВО, СОСТОЈБАТА ВО ЕУРОКОМПОЗИТ ВООПШТО НЕ СЕ ПОДОБРИ:

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.