Последните движења на цените на суровата нафта на светските берзи во комбинација со најавеното зголемување на акцизата на дизелот за 3 денари по литар најверојатно ќе бидат значителен ценовен удар за македонските граѓани, пишува порталот Прес24
По најавата на Саудиска Арабија дека ОПЕК ќе продолжи со намалено производство на нафта и по март идната година, најбараниот енергенс поскапува на светските берзи петта недела по ред и е на пат да го забележи најдолгиот период на континуиран раст на цените по октомври 2016 година.
Аналитичари на Блумберг велат дека во пресрет на зимата за очекување е дополнително да пораснат цените, a состанокот на ОПЕК на 30 ноември на кој се очекува дополнително да се намали производството и со тоа да скокне цената.
За македонски услови, тоа се лоши вести, особено ако се знае дека Владата во Буџетот за идната година веќе ги пресмета оние над 30 милиони евра кои планира да ги инкасира од зголемувањето на акцизата на дизелот.
Но граѓаните веќе може да се каже и дека си ја „плаќаат“ акцизата. Од средината на септември до денеска бензините се поскапи за 3 односно 3,5 денари по литар а дизелот е поскап за 4,5 денари за еден литар. Ако на денешната цена на дизелот ја додадеме и новата акциза тој ќе се продава за 57,5 денари за еден литар.
Ако се остварат најавите и продолжи трендот на поскапување на суровата нафта, извесно е дека до Нова Година, бензинот ќе надмине 70 денари за литар а дизелот би се продавал за повеќе од 60 денари. Најголемите песимисти пак не ја затвораат можноста литар бензин да надмине и 80 денари во екот на зимата, а дизелот да стане поскап од 65 денари.