Вечерва со почеток во 21 часот во Прилеп започнува најголемата забава на овие простори 15-тото издание на Пиво фест 2017. Фестивалот ќе го отвори македонската група Eye Que, потоа ќе настапат легендарните Психомодо Поп, а вечерта ќе ја затворат Амадеус бенд. Водител на Пиво фест 2017, исто како и лани ќе биде Маријана Станојковска. Организаторите велат дека богатиот репертоар ќе ги задоволи сите вкусови. Штандовите во центарот на градот се веќе поставени, пивото се лади, а вкусната скара е во подготовка. Се регулираат само уште најмалите ситници за да се помине беспрекорно.
„Публиката и оваа година ќе има можност да ужива во неповторливата атмосфера и прекрасната забава за која ќе се погрижат големиот број наши и странски музички ѕвезди. Очекуваме посетеноста да биде уште поголема за разлика од минатата година, ние очекуваме повторно да уриваме рекорди и да се забавуваме до последниот атом“, истакна Маријана Станојкоска, водител на Пиво фестивалот.
Психомодо поп последен пат биле во Прилеп пред околу 10 години кога имале концерт за Нова година на градскиот плоштад. Сега ветуваат одлична забава.
„Ќе свириме рокенрол, таа музика која денес младите се помалку ја знаат. Ветувам дека вечерва ќе има одлична атмосфера. Ќе започнеме со една нова песна која се вика „Се ќе биде во ред“. Ние свириме веќе долго време и знаеме да го работиме само ова и би било штета да не го правиме тоа што го знаеме. Во последно време свириме доста, свириме на многу места, а Македонците секогаш имале слух, тука секогаш било одлично и нема причина тоа да не биде така и денеска“, изјави Давор Гобац, фронтмен на Психомодо поп.
Хотелските капацитети во Прилеп веќе се преполни, исто така и приватното сместување. Најавени се гости од цела Македонија и поширокиот регион. Во наредните денови ќе биде затворен главниот булевар „Гоце Делчев“ каде се поставени штандовите, а надлежните служби веќе имаат изработено сообраќаен план во кои насоки ќе се движат возилата овие денови се со цел да нема застој. Паркинг местата се добро познати за паркинг службата, која што ќе биде дежурна во текот на овие 4 фестивалски денови. Обезбедени се 25.000 паркинг места.
„Градот е комплетно подготвен за Пиво фестивалот, тоа го нудат преубавите штандови кои се веќе во финална фаза на нивната изработка и поставување. Имаме навистина огромна бина и добро озвучување. Скарата веќе се подготвува, а таа е најдобро да се комбинира со ладно пиво. Ќе има многу видови на пиво и многу други различни освежителни пијалоци. Се потрудивме да ги задоволиме вкусовите на сите кога станува збор за музиката. Секој ден имаме големи имиња и музички ѕвезди од Македонија и целиот Балкан. Максимално сме подготвени за најголемата забава на Балканот, Пиво фест 2017. Сите служби ќе бидат максимално ангажирани на терен за да се помине во најдобар ред“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од Центарот за граѓанска иницијатива кои се организатори на Фестивалот искажаа голема благодарност до сите институции кои несебично се вложиле во организацијата на Пиво фестивалот во изминатиов еден месец. Тие се заблагодарија до сите излагачи, како и до генералните спонзори, Прилепска пиварница, Скопска Пивара и Кожувчанка.
„Годинава ќе имаме голем број на новини, различни видови на пиво, ги покануваме сите љубители на добрата забава, ладното пиво и вкусната скара во наредните 4 дена да бидат присутни во Прилеп. Во 17 часот од Скопје тргнува и бесплатниот воз за млади до 27 години. Вакви возови ќе има секој ден. На Паркот на револуцијата има организирано бесплатен кампинг центар, каде оние кои ќе присуствуваат таму секој ден ќе добиваат бесплатна чорба, кафе и чај“, додаде Талија Петреска, Центар за граѓанска иницијатива, организатори на Фестивалот.
Годинава како дел од забавата се воведува и една новина, а тоа е за надојбра селфи фотографија организаторите доделуваат една голема маскота мајмун. Исто така секој ден за најдобрите селфи фотки ќе се доделуваат по 2 влезници за вип делот во бекстејџот. Заинтересираните треба да ги испраќаат своите фотографии во inbox на facebook страницата Pivofestival.mk.
Инаку утре забавата ќе започне со Don Minott & Conquering Lion, Нокаут и Ален Исламовиќ. Во саботата публиката ќе ја забавуваат Елена Велеска, Анабела и Харис Џиновиќ. На последната вечер од фестивалот ќе настапат Тајфата со Димитар Андоноски, Џамбо Агушев и ѕвездата на овогодинешниот фестивал Северина.
Освен на главната сцена забавата после официјаланиот дел продолжува во сите дискотеки и кафулиња во градот кои имаат продолжено работно време.