Заев велеше дека двојазичноста и Tиранската платформа е само во главата на Груевски, а пратениците на СДСМ гласаа за двојазична држава, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остро против

Иако Зоран Заев цврсто тврдеше дека двојазичноста и тиранската платформа се само во главата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, фактите го говорат спротивното. Пратениците на СДСМ вчера во Собранието гласаа за потреба за носење на закон за двојазичност во целата држава, кој е противуставен. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пак, остро беа против.

За двојазична Македонија гласаа пратениците на СДСМ меѓу кои Пендаровски, Локвенец, Тунтев, Богоевски, Туфегџиќ.

Еве како пратениците се изјаснија за овој неуставен закон:

Пратеникот на СДСМ, Павле Богоевски кој лажно се претставуваше како независен борец за права, неодамна имаше сосема различно размислување на оваа тема. Директно кажано, тој бесрамно лажеше јавно, но вчера гласаше ЗА Македонија да стане двојазична.

Од друга страна пак, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, уште пред гласањето истакна дека неговата партија ќе гласа против бидејќи сметаат дека законот е противуставен и е дискриминаторски кон македонскиот јазик и останатите јазици кои ги говорат граѓаните во Македонија.

-Ние нема да гласаме за потребата од донесување на овој закон. Ќе ги разгледаме сите демократски постапки во следнта фаза да се отстранат слабостите во овој закон, рече Димовски.

И од партијата ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираа. Велат дека дрско лицемерие е пратениците на СДСМ да гласаат за двојазичност, а Заев во истиот ден говори за лажна грижа на македонскиот јазик.

Дрско лицемерие е тоа што на истиот ден кога пратениците на СДС во Собранието гласаа за потреба за носење на противуставен закон за двојазичност во целата држава, Зоран Заев говори за некаква лажна грижа за македонскиот јазик. Ако Зоран Заев вистински се грижеше за зачувување на македонскиот јазик како силно идентитетско обележје на македонскиот народ јавно го повикуваме парламентарното мнозинство на СДС да гласа против неуставниот закон за двојазичност во државата и да не се ратификува договорот со Бугарија со кој јавно се откажа од македонскиот јазик, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Заев е личноста која јавно се откажа од македонскиот јазик и истиот во договорот кој го потпиша со Бугарија го дефинираше како јазик според Уставот на Република Македонија. СДС со законот за двојазичност, кој е антиуставен и надвор од законот го деградира македонскиот јазик, неговата употреба и етапно го уништува истиот, стои во реакцијата и се додава:

„Наводната грижа на Заев за македонскиот јазик е само димна завеса за распродавањето на државните и национални интереси, со кои владата тргува пред се со неуставниот закон за двојазичност кој упорно се турка во Собранието, промената на името и наоѓање на ново име на државата за чие изнаоѓање самиот премиер се пофали дека работи“.

Пратеникот и член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, на вчерашната дебатна емисија Топ Тема дебатираше за законот за јазиците.

Тој истакна дека СДСМ со овие процеси ја втурнува државата кон босанскиот модел на државно уредување кој во крајна мера се покажал како нефункционален. Според Ѓорчев, Македонија наместо да земе поука од босанскиот пример и да не дозволи државата да стане нефункционална се втурнува кон тој модел, а СДСМ се апстрахира од дебатата и ја избегнува оваа тема.

Ѓорчев потенцираше дека никаде во соседството дури не постои ваков закон за јазици.

-Новиот закон за јазици е со европско знаменце, а ваков закон нема ниту  кај земјите членки на Европската Унија од соседството, додаде тој.

Пратеникот Реџаил Исмаили на ДУИ потврди дека со овој закон албанскиот јазик станува втор службен јазик во државата, а пратеникот Тунтев од СДСМ ги спомна моделите на функционирање на Швајцарија и Белгија.

За Ѓорчев главна причина за носење на овој закон е политчкиот договор за формирање на Влада кога СДСМ реши по секоја цена да формира Влада иако ги загуби изборите на 11-ти декември.

Извор: Курир




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.