Што се’ вети актуелниот градоначалник Илија Јованоски од СДСМ на предизворниот митинг во Прилеп.
“Ајде заедно почитувани да го заокружиме бројот 19 за нови работни места, за економски развој, за гасификација на градот, за пониски сметки за вода, за нови улици, за доволно вода за пиење, за чист воздух. Да избереме промени, да избереме младите да се вратат во градот, да гласаме за две нови градинки, за училиште, за нов театар, за стипендии, за финансиска помош за учениците од ранливите категории на семејства.
Ајде да гласаме да го подобриме животниот стандард на граѓаните. Ајде да изградиме две нови обиколници околу Прилеп за побезбеден и за почист град. Ќе ја реконструираме салата Македонија гордоста на градот, ќе изградиме спортско рекреативен центар кој е потреба и повторно ќе биде гордост на градот.
Таа мора да заживее во иднина и ќе биде една од најискористуваните проекти во градот. Ќе воведеме бесплатен превоз во текот на денот за сите пензионери, реконструкција на старскиот дом и уредни месни клубови за овие граѓани. Вода, струја, пат до нивите и поила за добитокот во сите населени места во општината. Улично осветлување ќе има во секое село.
Ромите од Тризла 2, посебно во населбата Три багреми и Мексико, ќе имаат после изборите вода за пиење и улично осветлување, ќе го решиме и проблемот со каналот на Дабничка Река, ова ви го ветив и ќе го оставариме сите заедно. Ќе го вратиме достоинството и за бранителите, ќе го вратиме достоинството и за тутунарите. Субвенциите ќе бидат повисоки, дури 80 денари за прва класа предаден килограм тутун. Платите ќе бидат повисоки почитувани граѓани, нема повеќе да има плата пониска од 12.000 денари. Сите семејства на конфекционерите сега ќе имаат поголем буџет, минимун за околу 3000 денари.
Да гласаме за бројот 19, за општината која ќе ги враќа парите до граѓаните, за отворена и услужна општина за сите. Како иден градоначалник ЌЕ ЈА ДЕПАРТИЗИРАМ ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА, ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И УЧИЛИШТАТА, ОВА ВИ ГО ВЕТУВАМ. Ниту еден вработен нема да го изгуби работното место. Ќе го кроиме буџетот на општината заедно, по ваша мерка, со граѓанскиот парламент што ќе го направам.
Ќе го слушам вашиот глас драги мои сограѓани. Јас имам доверба во вас, и заедно ќе ги решаваме проблемите на сите граѓани со приоритет по мерни критериуми. Во овој парламент ќе членуваат сите граѓански здруженија, невладини организации, работници, земјоделци, спортиски, културни работници, дуќанџии, занаетчии, пазарџии, сточари, сите субјекти во општина Прилеп. Промените ќе ги донесеме сите заедно”.