По повод празникот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ денеска во Прилеп се одржа традиционалната велосипедска трка „Сите на велосипед“. Велосипедската тура на која учество зедоа околу 300 велосипедисти и љубители на овој спорт беше долга 20 км. Учесниците стартуваа од центарот на градот од каде се упатија до населеното место Мало Коњари. Од тука по кратката пауза тие повторно се вратија назад во Прилеп. Целта на оваа трка е да се промовира велосипедот како најеколошко и најприфатливо средство за патување кое не ја загадува околината.
„Традиционално по 12-ти пат велосипедскиот клуб „Илинден“ од Прилеп, во соработка со Општина Прилеп, еве втора година и во соработка со Општина Кривогаштани, Сојузот на училишни спортови на Прилеп и велосипедската федерација на Македонија ја организираат манифестацијата „Сите на велосипед“ повод големиот христијански празник Св. Кирил и Методиј. Трката е од ревијален карактер и нема победници, целта е да се промовира велосипедизмот како спорт“, изјави Драган Димитриоски, претседател на велосипедски клуб „Илинден“ од Прилеп.
Трката ја отвори градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите учесници им посака успешна тура и добра забава.
„Оваа трка нема натпреварувачки карактер, едноставно целта е да се учествува и да се промовира велосипедот како едно од основните превозни средства и што повеќе млади да се занимаваат со овој спорт. Им посакувам на сите учесници да имаат убав ден бидејќи дружењето е најбитно за овој настан“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во оваа трка се приклучија и велосипедисти од Општина Кривогаштани, кои тргнаа од ова населено место и исто како и велосипедистите од Прилеп и тие се упатија кон спортскиот аеродром во н.м. Мало Коњари, каде се сретнаа со учесниците од Прилеп. Тука велосипедистите имаа мал одмор со закуска. Традиционално беа доделени наградите за најмладиот и најстариот учесник на трката од двете општини.