Денеска во градската библиотека „Борка Талески“ беше промовиран проектот „Граѓански иницијативни за образование за клима и енергетска ефикасност“ финансиран од Европската Унија, а во реализација на Здружението Гоу Грин – Скопје и во локална координација на Младински Совет Прилеп и Рома Перспектив Прилеп, наставници од две средни училишта СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и СОУ „Орде Чопела“.
„Овој проект го спроведуваме во пет општини во Македонија, Прилеп е една од нив. Целта на проектот е да ги зајакне капацитетите на граганските организации да влијаат врз образовните процеси се со цел да направиме слободни часови во средните технички училишта за да учениците имаат можност да се запознаат со климата и енергетска ефикасност“, посочи Александар Трпкоски од здружението Гоу Грин од Скопје.
Сами Ајдини од здружението „Рома Перспектив“ кои се партнери во овој проект, посочи дека преку проектот ќе се вклучат средните стручни училишта, граѓанските организации и Општина Прилеп кои ќе ја презентираат програмата за слободни часови и ќе дебатираат за придобивките на учениците и приватниот сектор.
Градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави присутните и посочи дека:
„Многу средства од ЕУ во иднина, ќе бидат наменети за енергетска ефикасност, а преку вклучување на училиштата и едукација на младите ќе добиеме образовани кадри кои ќе можат да прават и имплементираат проекти за енергетска ефикасност тоа е иднината на Прилеп, на Македонија и на целиот свет“, истакна Ристески во својата изјава.
Наставата за слободни часови ќе ги покрива основните поими за енергетска ефикасност преку теми релевантни за секоја струка, со посебен фокус на практичниот дел.