Само два дена откако Владата преку соопштение го корегираше премиерот Зоран Заев дека двата члена кои биле под истрага не биле од Владата туку од пошироката власт, Радмила Шекеринска вечерва во „Топ тема“ на Телма изјави дека истрагата за нивните двајца министри била порака за сите.
-Активно се бориме против корупцијата и не случајно двајца членови на Владата веќе се под истрага, ова завчера го кажа премиерот Зоран Заев на самитот Македонија 2025. Оваа изјава на Заев подоцна беше корегирана преку соопштение од Владата.
Во соопштението на Владата, пак, се наведува дека премиерот во изјавата рекол дека „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.
Инаку, Заев изјавата ја дал на англиски јазик, одговарајќи на прашања на учесниците на панел-дискусијата.
– Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите – изјавил Заев, пишува во соопштението на Владата.
За ситуацијата да биде уште покомична, вечерва се погрижи министерката Радмила Шекеринска, која изјави дека истрагата за нивните двајца министри била порака за сите.