ВМРО-ДПМНЕ излезе со 7 барања: Нови предвремени парламентарни избори кои ќе бидат спроведени од техничка Влада

Покрај тоа што не ги признаваме овие избори за фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ бара итно враќање на демократијата и достоинството во земјата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и посочи 7 барања.

Бараме:

1.Организирање на предвремени парламентрани избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на исти начин како што беа организирани парламентарните избори на 11 декември 2016 година. Ајде Заев ако си толку силен и јак, да одиме на избори. Ако ние можевме да спроведеме избори по овој модел, најмалку што можеш е и ти да се согласиш да одиме на избори по истиот тој модел.

2.Итна смена на директорот на Агенцијата за аудиовизулени и медиумски услуги, и избор на директор на оваа значајна институција по предлог на опозицијата.

3.Оставка од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, враќање на старото законско решение и избор на претседател на ДИК од редовите на опозицијата, бидејки под плаштот на независен експерт, всушност се инсталираше личност која не работеше правично и чесно, туку по инструкции на друг.

4.Итна истрага и вештачење со наше учество на уредите за прислушкување на УБК, заради основано сомнение дека полицијата врши прислушкување на најмалку 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

5.Итно и без пролонгирање завршување на судењето за случајот Поткуп, во кој Заев на очиглед на целата јавност бара мито во висина од 200 илјади вера.

6.Основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од изборите во 2016 и изборите во 2017 година, како и на злоупотребата на целокупниот државен апарат во изборни цели за изборите во 2017 година.

7.Откако се виде дека масовно се ослободуваат сторители на тешки кривични дела, бараме итно ослободување на лицата кои се во притвор и прекинување на процесите против сите граѓани за случувањата на 27 април 2017 година, рече Груевски и додаде:

„Ајде да видиме кој е за демократија, правда и слобода а кој не е. Кој е силен, а кој не е силен. Кој е во право а кој не е во право. Ако Заев има барем минимум доблест и човечко достоинство треба веднаш и без одлагање да ги прифати сите овие 7 точки. Подаваме рака пред да е предоцна. Македонија оди во лош правец, а хунтата на Заев ја турка во опасно сценарио, сериозни ризици и големи опасности“.

Ова не е новина, додаде Груевски, нам, на ВМРО-ДПМНЕ ваков изборен грабеж и вакви изборни нерегуларности, ваков терор ни се случи и на изборите во 2004 година, кога беше украдена демократијата а изборите беа фалсификувани. „После тој изборено насилство во 2004 година, ВМРО-ДПМНЕ ја освои огромната доверба на народот и во 2006 година победи на парламентарните избори! Оваа денешна битка, битка за Македонија, тукушто почна. Времињата ќе се променат, Македонија мора да победи“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.