Јавниот градски превоз е еден од поголемите капитални проекти на Општина Прилеп, кое функционира од април 2014 година, со три линии низ градот.
Овој проект според бројот на превезени патници е од огромно значење за граѓаните на Прилеп, а особено за пензионерите, ако се има во предвид тоа дека во Прилеп постои едно од најголемите Здруженија на пензионери во Македонија.
Претседателот на ова здружение Кирил Ѓорѓиоски е и кандидат за советник на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за престојните локални избори. Досегашната повеќе од успешна соработка со локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески, за пензионерите во Прилеп значеше отворање на нови и реновирање на постојаните пензионерски клубови, многу успешно орагнизирани културно-уметнички активности, како и постојан контакт за сите потреби на оваа категорија на граѓани.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори се предвидува и бесплатен градски превоз за оваа категорија на граѓани, во среда, сабота и недела, мерка која со сигурност ќе биде од огромно значење за оваа старосна категорија на граѓани.
Покрај тоа, претседателот на Здружението Ѓорѓиоски и кандидатот за градоначалник Ристески, планираат отварање на нови пензионерски клубови и во населените места: Мало и Големо Коњари, Тополчани, Канатларци, Мажучиште и други.
Со ова, цврстата врска на соработка која постои помеѓу локалните власти и пензионерите во Прилеп, и понатаму ќе биде приоритетна и ќе се надоградува.