(ВИДЕО) Сите голови од вчерашниот триумф на Победа над Скопје со 4:2

Фудбалерите на Победа вчера попладне на стадионот на “Могилата” во натпревар од 8-то колo ја забележаа втората победа во првенствто.

Во допадлив и ефикасен натпревар, кој беше со најмногу голови во ова коло, победен беше фенерџијата на табелата Скопје со 4-2, полувреме 2-1. Но, и на овој меч прв домашен под раководство на новиот тренер Бубања на клупата, манифестирани се сите досегашни добри, но и лоши страни.

По ефикасност Победа е втора по Шкендија (14 гола), но ја има и убедливо најлошата одбрана во лигата со 19 примени голови. Така беше и на овој  меч кога нападот постигна дури 4 голови, а одбраната не беше на висина на задачата и прими два би рекле многу наивни голови.

Во играта видливо беше она што го бара новиот тренер Бубања, кој инсистира на многу побрза игра и помалку допири со денес поставениот Цветаноски централно-позади Гешоски, а Станиќ десно и лево најмладиот на теренот Трајкоски, кој полека, но сигурно го потврдува својот раскошен талент и несомнено преставува голема иднина, не само на Победа, туку и на македонскиот фудбал воопшто.

Победа поведе преку Гешоски, по оправдано досудениот пенал по играта со рака на Велкоски во 29-тата минута. Најдобриот стрелец на Победа 4-от сезонски гол го постигна со силен и неодбранлив удар во левиот агол од голот на Кандикјан.

На 1-1 израмни Џугурдиќ со глава, по една навидум безопасна акција на гостите. На истекот на првиот дел по центаршутот на Мустафов, во гостинскиот казнен простор Илиески со глава, како напаѓач, рутинирано го совлада Кандикјан.

По само 4 минути игра во вториот дел одлична асистенција на Станиќ кон Цветаноски, кој откосо од 13-14 метри го матираше гостинскиот голман за свој втор овосезонски гол и водство на Победа од 3-1.

Во 56-тата минута ново невнимание на домашната одбрана, по силниот удар на Десниќ, Ристевски сакајќи да ја избие топката си постигна авто-гол за 3-2. До крајот сите присутни стрепеа за резултатот и победата на која точка, со својот втор гол, стави Маневски на 15-тина секлунди пред истекот на 3-тата минута судиско продлжение, по ударот во телото на Мишевски топката го изненади Кандикјан и заврши во мрежата.

Во секој случај домашните фудбалери заслужуваат честитки за прикажаната игра, за желбата, борбеноста и упорноста да сигнат до победата со која на најдобар начин му го честитаа 23-тиот роденден на својот соиграч Ристе Илијовски. Но, време за славење нема, затоа што по само два дена, еден тренинг рекуперација, во петок престои подготвителен тренинг за саботниот меч од 9-тото коло со Ренова во Тетово.

Со него завршува првиот круг, но и овај вистински маратон по набиената агенда во која се 7 натпревари за 20-тина дена. Паузата поради репрезентативните обврски е добредојдена за мал одмор на играчите, освежување на екипата, но и можност Бубања подобро да се запознае со екипата и поединечните вредности, форма и квалитет на секој играч.

Во продолжение погледнете ги погодоците од вчерашниот дуел:

Видео: Прилепски спорт




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.