Комити полека почнаа да го најавуваат историскиот меч меѓу Вардар и Фенербахче, кој може да донесе прво учество во фазата по групи од едно европско натпреварување.
Со традиционален карван низ Скопје Комити почнаа да ја креваат атмосферата пред гостувањето на Фенербахче, в четврток, во плејоф-колото од Лига Европа. Возила, велосипеди, мотоцикли придружени со сирени, свирчиња и развиорени знамиња почнаа од населбата Ново Лисиче и како што се движат собираат сè повеќе приврзаници.
Најголемата навивачка група се екипира за најважниот натпревар на Вардар во последнава деценија и пол, најавувајќи дека црвено-црните фудбалери ќе имаат огромна поддршка отсега па до четврток.