Бразилските медиуми овие денови пренесуваат видео снимено со скриена камера од страна на полицаец на тајна задача кое ја ужасна јавноста. Полицијата, всушност, упаднала во нелегална козметичка клиника во која жените обично доаѓаат за зголемување на задникот, а таа се наоѓа во најголемата фавела во Рио де Жанеиро.
Полицијата вели дека жените доаѓаат од целиот свет да го зголемат задникот во Бразил, а од незнаење и неинформираност завршуваат на вакви места каде пто таа постапка ја прават непрофесионално вбризгувајќи им “коскен цемент” во смртоносни дози. Истражителите велат дека вработените во нелегалната клиника, која работи две години, ги загрозиле животите на 50 жени, пренесуваат британските медиуми.
На видеото се гледа како Ирис Кабрал Пирот инјектира клиентка во задникот со полиметил метакрилат, т.н. “коскен цемент”, кој инаку се употребува како дел од вертебропластика, за “зајакнување” на пршленот на половината поради остеопороза или метастаза. Меѓутоа, оваа мешавина се употребува и за други цели.
Полицијата објави дека пациентката допатувала од Португалија спцијално за третманот кој чини најмалку 70.000 денари.
Не се знае точниот број на ваквите нелегални клиники бидејќи тие обично се сокирени во згради, без видлив знак и се рекламираат исклучиво на социјалните мрежи. Како што пишуваат локалните медиуми, она што е сигурно – интересот не недостасува. Зголемувањето на задникот е најбараната козметичка хирургија во Америка во 2015-та година, со дополнително поголем замав во наредните години.
Употребата на овие хемикалии за зголемување на задникот се смета за високоризична бидејќи процесот е поврзан со неколку смртни случаи, а постапката е забранета во земји како САД и Велика Британија.
Бразилската здравствена организација ја дозволува интервенцијата, но со многу помали количини на метакрилат. Жената на снимката, според зборовите на полицаецот, употребила 160 пати поголема количина од дозволената. Таа, заедно со уште две жени, се претставила како специјалист за зголемување на задникот, но ниту една од нив нема диплома која би го докажала тоа ниту било каква диплома дека воопшто смеат да ја изведуваат операцијата. Тие се обвинети за продажба на дрога и инјектирање смртоносни дози на своите клиенти.
Видеото од скриената камера ја објавила полицијата која три недели се подготвувала за упадот.
“Најдовме огромни количини на нелегални течности чувани во нехигиенски услови, во мали садови, како и голема количина на нелегален медицински материјал – вклучувајќи средства за анестезија кои се достапни само со рецепт”, изјавиле од полицијата.