Голема заинтересираност на прилепчани за фрлање по Светиот крст за Водици

Последниве неколку години огромна е заинтересираност на прилепчани за фрлање по Светиот крст за време на празникот Богојавление – Водици. За утре биле пријавени 86 учесници кои ќе скокнат во водите на базенот во хотелот „Сонце – ГА“, на церемонијата која ќе се случи во 12 часот.

prilep-vodici-640x427

„На овој ден, според преданието на Светата православна црква,се појавуваат сите три лица на Светата троица, Отецот, Синот и Светит дух кога Свети Јован го крштева Исус Христос на реката Јордан. Нашата Света црква за овој ден го има востановено христијанскиот поздрав „Бог се јави, Навистина се јави“. Апелирам до верниците во раните утрински часови да ги посетат црквите на литургијата, да го извршиме Светиот голем Богојавленски водосвет, а потоа во 12 часот во базенот на хотелот „Сонце – ГА“ ќе биде фрлањето на крстот. Сакам исто така да апелирам до сите кои се пријавија, бидејќи бројката е голема, а имаме и 3-4 малолетни дечиња, да внимаваат при скокањето во базенот“, истакна протоерејот-ставрофор Благоја Станкоски, архиерејски намесник во Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ги повика сите православни христијани од општината да присуствуваат на ова традиционално одбележување на празникот.

„Годинава имаме рекордно пријавување на лица кои ќе се фрлаат по Светиот крст. За сите лица локалната самоуправа обезбеди и пригодни поклони. За оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати Светиот крст во соработка со компанијата „Зегин“ имаме обезбедено поклон телевизор и златен крст“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Исто така за сите учесници кои ќе се фрлаат по крстот утре во хотелот „Сонце – ГА“ ќе има организирано свечен коктел, а делегации на општина Прилеп ќе ги посетат и другите населени места каде се фрла Светиот крст.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.