Давор Поповски избран за нов претседател на СПУКМ

Нов претседател на Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (СПУКМ) со освоени 3.851 гласови е кандидатот Давор Поповски, соопшти СПУКМ.

fakultet

Вториот кандидат, Стефан Василевски, според Студентскиот Парламент, освоил 1.275 гласови, имало 138 неважечки гласови, а вкупно гласале 5.264 студенти.

Од Студентскиот парламент на УКИМ наведуваат дека на вчерашниот избор на нов претседател на СПУКМ на сите 23 факултети гласањето почнало навреме во девет часот и завршило во предвиденото време во 16 часот.

Кандидати за студентски лидер, се вели во соопштението, беа под реден број 1. Стефан Василевски од Медицинскиот факултет кој доби поддршка од 6 студентски парламенти на факултетите и под реден број 2. Давор Поповски кој доби поддршка од 7 студентски парламенти на факултетите. Им честитаме на кандидатите за нивната коректна кампања, која се базираше на програма која им нуди проекти и можности на студентите.

Според СПУКМ, изборниот процес се одвивал во фер и демократска атмосфера, каде што можност имаа студентите да го дадат својот глас и достојно да го изберат својот нов лидер. Во текот на изборот, се вели  во соопштението, имаше тенденции за скандализирање на изборот од страна на Студентскиот пленум, кој е политички мотивиран, да направат упад во гласањето и да ги спречат студентите да го искажат своето демократско право на глас, што беше директен атак на слободата на студентското изразување.

– Воедно сакаме да упатиме остра критика и да го осудиме насилното однесување на Студентскиот пленум за време на изнесувањето на гласачките кутии од Правниот факултет, за време на  пребројувањето на гласовите и за време на внесувањето на последните кутии во просториите на СПУКМ. Ваквиот начин на однесување сметаме дека не доликува на академски граѓани и на студенти кои треба да бидат авангарда и носители на иднината на нашата држава. Политички мотивираните насилни однесувања се одлика на оние кое сакаат да го уништат студентското движење, се вели во соопштението од СПУКМ.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.