-СВР Битола поднесе кривична пријава против М.С.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo делo „несовесно работење во службата“. Пријавената, во својство на директор на Национална установа „Завод и музеј“ Битола, спротивно на одредбите од Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работни односи, несовесно постапила во вршењето на своите овластувања и должности на тој начин што извршила промена на Актот за систематизација на работните места, со што го укинала нејзиното работно место виш кустос и за себе отворила ново работно место кустос советник, кое што е едно ниво повисоко од претходното – информираат од МВР.
Младите каратисти од “Бонсаи” Прилеп се вратија со 18 медали од големиот меѓународен турнир во Бар, Црна Гора (ФОТО)
Карате клубот „Бонсаи“ од Прилеп забележа исклучителен меѓународен успех на големиот турнир „Bar Open 2025“, кој се одржа во Бар, Црна Гора, на 22 и 23 ноември. На настанот учествуваа стотици каратисти од повеќе држави, а прилепскиот клуб настапи со седум натпреварувачи во дисциплините кати и борби.
Нашите млади спортисти се враќаат дома со дури 18 медали и два пехари – резултат што уште еднаш ја потврдува посветената работа, квалитетната подготовка и континуираниот напредок на клубот.
Честитки до сите натпреварувачи за извонредните остварувања, како и до тренерскиот тим за нивната стручност, труд и поддршка. КК „Бонсаи“ уште еднаш го зацврсти своето место меѓу водечките карате клубови во Прилеп и Македонија.
По ослободувањето на Кичево, кривична за “командант” Дехари
Полицијата во Кичево му поднесе кривична пријава на поранешниот градоначалник на Општина Кичево, Фатмир Дехари поради „Несовесно работење во службата“, по член 353 од Кривичниот законик.
Според пријавата, Дехари во својство на градоначалник на Општина Кичево, несовесно постапувал при извршување на своите законски овластувања дадени со Законот за локалната самоуправа и спротивно на Законот за пожарникарство.
-Пријавениот, од 2016 година, секоја година, со одредени лица склучувал договори за вработување во Територијалната противпожарна единица Кичево и по истекот на една година од нивното вработување, не извршил должен надзор, пропуштил да им го прекине работниот договор и дозволил, истите да не се стекнат со соодветен сертификат за квалификација како пожарникари, издаден од надлежен Државен орган, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Изложбата „ Линиска Стратиграфија“ од уметникот Давид Атанасоски, во петок во Прилеп
На 28.11.2025/ петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „ Линиска Стратиграфија“ од уметникот Давид Атанасоски. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
Во современата графичка пракса, линијата не се појавува како непосредна трага, туку како резултат на структурен пресек на волуменот. Скулптурниот објект се трансформира во генератор на отпечатокот, создавајќи визуелен запис што ја артикулира меморијата на материјалот и го претвора тридимензионалниот волумен во двомерна, но концептуално проширена, визуелна структура. Композициите се сведени на суштината: трага и празнина, маса и одсуство, површина и сенка. Присуството на материјалот се артикулира низ отпечатокот, кој ја пренесува динамиката и поетиката на формата, отворајќи простор за читање на интензитетот на материјалната интеракција. Линијата се јавува како гест, документ и концептуален субјект, поврзувајќи го феноменалното и менталното, физичкото и когнитивното искуство на гледачот.
Процесот на отпечатување ја трансформира скулптурата во инструмент на цртање. Рабовите, вдлабнатините и издигнувањата стануваат генератори на ритам и ред, создавајќи мрежи од монохромни, напрегнати линии. Листот ја впива нивната гестуалност и ја зачувува материјалната вибрација на објектот, како визуелна хроника на уникатно материјално случување. Монохромијата ја ослободува композицијата од описност, насочувајќи го вниманието кон чисто гестуално и концептуално читање. Во оваа редукција се открива суштината на формата: нејзината кревкост, строгост и тивка драматичност, кои го рефлектираат моментот на непосреден контакт помеѓу материјал и отпечаток.Отпечатокот станува момент на присуство, визуелен запис на трансформацијата на волуменот во двомерна, но концептуално експанзивна, визуелна форма – вели Давид Атанасоски.
Биографија за уметникот:
Давид Атанасоски
роден во Прилеп 1995 година.
Во 2018 година завршува Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со конзервација и реставрација. Член е на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movements.
САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ:
2015 – Скопје, Проект за урбана скулптура во простор, спонзорирана од Цементарница УСЈЕ.
2019 – Прилеп, Пејзажни знаци, Ликовен салон Марко Цепенков
2019 – Прилеп, Геолошки пресек , Нов културен бран
2020 -Скопје, Сеќавање за Сион, Галерија МКЦ
2022 – Прилеп, Геолошки пресек 2, Ликовен салон Марко Цепенков
2022 – Скопје, Геолошки пресек 2, Културно Ингормативен Центар
2022 – Нови Сад, Пејзажни симболи, Културен центар – Мали ликовни салон
2023 – Прилеп, Рециклирани пејзажни објекти, Прилепско езеро
2025 – Истанбул,Рециклирани пејзажни симболи, Културно информативен центар
ГРУПНИ ИЗЛОЖБИ :
2016 – Прилеп, Годишна изложба на ДЛУП, Галерија при домот на културата
2017 – Скопје, SIAB VIII Студентско интернационално арт биенале, Галерија ФЛУ
– Прилеп, Art Without borders Macedonian encounter, Галерија Борко Лазески
2018 – Скопје, Тема:НЕ, НУ Музеј на Македонија.
– Прилеп, Интернационален скулпторски симпозиум “Мермер„
– Прилеп, Годишна изложба на ДЛУП, Галерија при домот на културата
-Прилеп, Нови медиуми, Галерија Аче
2019 –New York, Personal ldentity Matter, Gallery MC
–Куманово, Биенална изложба, Скулптури на новото време, Дом на културата
– South Korea, Geumgang Nature Art Biennale, Cube 12x12x12+natur
– Скопје, Not your toy, Галерија КО – РА
2020 -Скопје, Остен биенале на цртеж, Национална Галерија на Македонија, Чифте амам
2021 -Скопје, Уметноста на досадата, Резиденција на ЕУ во Македонија
-Струмица, „Метаморфоза“ Несовршен простор 4, Europe house
-South Korea, Geumgang Nature Art Biennale, Cube 12x12x12+natur
2022 – Jeonju, Green Renaissance Project – Special Exibition
2022 – Gongju-si Korea, Natural cube exhibition, YATOO
Грее од убавина! Битола доби три нови игралишта во “Областа” (ФОТО ГАЛЕРИЈА)
Во месноста “Областа” во Битола, на улица „Нико Фундали“, изведени се три нови игралишта на вкупна површина од 629,27 м².
-Комплексот содржи детско игралиште, мало кошаркарско игралиште и мало фудбалско игралиште. На детското игралиште е поставена соодветна урбана опрема и реквизити, а подлогата е изработена од дробеник (шљунак). Кошаркарското и фудбалското игралиште се опремени со модуларни подлоги и соодветна урбана опрема. Вкупната вредност на договорот за реализација на проектот изнесува 2.666.219 денари – информираат од општина Битола.
Продолжен притворот за шесте лица за злоупотреби во прилепската болница
Прилепскиот Основен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и им го продолжи притворот до 30 дена на шесте лица во случајот со злоупотреби во прилепската болница – потврдува претседателката на основниот суд во Прилеп, Јасмина Шишковска.
-Притворот е продолжен на шестте лица.Тоа го одлучи кривичниот совет при Судот, но постои можност за жалба. Поднесени се жалби до Апелацискиот суд во Битола за продолжувањето на притворот – вели Шишковска.
Според информациите од Јавното обвинителство на Македонија, прилепското основно обвинителство ја продолжува истрагата против 32 физички и правни лица за сомнежи со јавни набавки во болницата со која институцијата е оштетена за околу 700.000 евра.
Обвинителството донесе наредба за спроведување истрага против вкупно 32 лица – 16 физички, седум правни, а девет други осомничени се гонат по скратена постапка.
Тие се осомничени за кривичните дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство како и проневера во службата. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува – соопштува прилепското обвинителство.
Ракометниот гигант Магдебург утре гостува во Битола
Германскиот ракометен гигант Магдебург, актуелен европски шампион, утревечер по втор пат ќе гостува во Битола.
Ракометните клубови Еурофарм Пелистер и Магдебург, во официјален европски натпревар, прв пат силите ги одмерија во сезоната 2020-2021, кога во осминафиналето од ЕХФ Европската лига, Германците остварија две победи од 35:24 во Магдебург и 32:24 во Битола.
Во четиридецениската меѓународна ракометна историја на Пелистер, во Битола гостувале скоро сите германски клубови и пред публиката настапиле Франкфурт, незаборавниот Лемго, потоа Фленсбург, Фуксе Берлин, Хановер и Рајн Некар Левен, а утревечер со посебно задоволство се очекуваат ѕвездите на актуелниот европски ракометен шампион Лукас Мертенс, Пабло Ланге, како и нивните интернационалци Лагергрин, Магнусон, О’Суливан, Бергендал и други ракометари на кои ќе им се спротивстават Кузмановски, Пешевски, Манасков, Митревски…и секако „чкембарите“ како „осми“ играч.
Дуелот од осмото коло во европската Лига на шампионите меѓу Еурофарм Пелистер и Магдебург е закажан за утревечер во 20:45 часот, а ќе го судат Марио Рудински и Борис Мандак од Словачка.
Голема акција на МВР во моментов: Се вршат претреси и се апсат функционери
Голема акција спроведува полицијата во координација со скопското Јавно обвинителство. Според информациите се вршат претреси во Скопје и Куманово по сомнение за злоупотреба на положбата.
Информацијата ја потврди Обвинителството без да откриваат повеќе детали.
-Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност. Повеќе информации по завршување на акцијата – велат од ЈО.
20-месечно дете од Прилеп починало во кичевската болница
Детенце на возраст од 20 месеци почина во Општата болница во Кичево. И покрај напорите на медицинскиот персонал, тоа било во тешка здравствена состојба и не можело да се спаси, информираат од болницата.
Случајот е пријавен во Секторот за внатрешни работи – Охрид, од каде што соопштуваат дека настанот бил евидентиран околу 22:10 часот.
„На 23.11.2025, во 22:10 часот, во Секторот за внатрешни работи во Кичево беше пријавено дека на детското одделение во Општата болница во Кичево во тешка здравствена состојба било донесено дете родено во 2024 година, кое, и покрај укажаната медицинска помош и извршената реанимација, починало.“, велат од СВР Охрид.
Во изјава за ТВ СИТЕЛ, директорката на болницата д-р Маја Цветановска Трајкоска, вели дека крајната дијагноза не може да се претпостави, но дежурниот лекар се сомнева во амсивна бронхопневмонија, нетретирана заради необратено внимание од страна на семејството.
-Детето е од Прилеп, не носеле никакви документи кои можат да посведочат за претходни заболувања и третирања. Мајката во моментот се наоѓала во Кичево и затоа се јавиле во бразта помош тука, инаку е од Прилеп, вели Цветановска Трајкоска
Ако сте скенирале сметки: Оваа недела ќе легнат парите од Мој ДДВ
До крајот на месецов, поточно до петок оваа недела, треба да биде исплатен повратот на ДДВ на граѓаните кои скенираат фискални сметки за периодот јули- септември, информира Министерството за финансии.
Оттаму појаснуваат дека системот за поврат функционира редовно, а доцнење најчесто се случува поради неточни или неажурирани податоци за трансакциската сметка во Управата за јавни приходи.
Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година.
„Мој ДДВ“ беше воведен во 2019 година а максималниот износ кој можеше да се добие од скенирање фискални изнесуваше 1.800 денари. Потоа прагот се зголеми на 2.100 денари.














































