дома блог страница 3200

Спасувачка драма која ќе ве трогне: Денис храбро влезе и ја извади Леа од смрзната река (Видео)

Пожарникарите од хрватскиот град Вуковар вчера во попладневните часови добиле необичен повик.

Загрижен сопственик, како што пишува 24 Сата, барал помош за спасување на неговата кучка Леа, која во игра со лебеди паднала во студената вода на смрзнатата река Вуца.

На снимката која синоќа ја објави сопственикот на Леа може да се види како вуковарските пожарникари во тешки услови организираа спасување на кучето кое беше заробено во ледената вода. Додека колегите го придржуваа со јажиња, пожарникарот Денис влезе во ризичен потфат.

Легна на душек и лизгајќи се по мразот стигна до кучето кое, премрзнато, ја држеше само главата над водата.

– Оди десно, Денис, таму е подебел мразот- довикнуваа колегите пожарникари, додека тој внимателно се лизгаше по тенкиот мраз во реката.

Со внимателно движење се доближи до кучето и го повлече на душекот. Но, исплашеното животно повторно се лизна и падна во реката, па при повторното качување на душекот застана врз легнатиот Денис, а колегите внимателно почнаа да го извлекуваат со јажињата.

– Сакаше да си игра со лебедите на делот од Стара Вука. Но, лебедите одлетаа, а Леа не лета, изјави нејзиниот сопственик.

И нему не му беше лесно да ја гледа спасувачката драма на неговата кучка.

– Леа ја вдомивме пред четири години кога ја најдовме на улица. Имаше два месеца. Но, сето тоа е споредно, битно е дека храбрите момци спасија живот, иако е во прашање пес. И интервенираа многу брзо по мојот повик, рече Маринко, сопственикот на Леа.

(Видео) Мистерија на замрзнатото езеро: Додека се лизгаа на мразот слушнаа неверојатни звуци

Лизгање на тенок слој мраз можеби е ризична активност, но секако и неверојатно искуство.

Видеото го објави Ханс Аспенберг, а на него се гледа како луѓе се лизгаат на замрзнатото езеро Фемсејн во Норвешка и слушаат магични звуци.

Необичните звучни ферквенции како овие често се случуваат поради промена на температурата на мразот.

Русите збунети: Што е тоа Шарпланинец, и од каде потекнува!

Претседателот на Србија Александар Вучиќ му подари на рускиот лидер Владимир Путин четиримесечно шарпланинче со име Паша.

Руските медиуми му посветија внимание на овој подарок и детално пишуваат за него. На пример, во една статија се наведува дека локалните жители ги нарекуваат шарпланинците „бисери на планинските снегови и ливади“ (ние на интернет не најдовме потврда на тој податок – можно е рускиот новинар да се обидел со тој прекар да го изрази односот на локалното население спрема омилената раса – заб. на ред.).

Расата југословенски овчарски пес се појавила 1938 година на Балканот, во Меѓународната кинолошка федерација (FCI) је регистрирана 1939 година под називот „илирски овчар“, а од 1957 го добив новиот официјален назив: југословенски овчар – шарпланинец.

Со години во поранешна Југославија беше забрането да се пренесуваат шарпланинци преку граница. Првпат овој пес од автохтона раса е продаден во странство 1970 година. Денес шарпланинци се одгледуваат во САД, Канада и Франција.

Шарпланинецот е многу крупен пес. Може да биде висок 70 цм, а тежок 35-40 кг. По изгледот потсетува на кавкаски овчар. Се смета дека предците на оваа раса живееле на Балканот во близина на населбите на Шар планина, на планините Стогово, Бистра, Кораб и во националниот парк Маврово.

Во Македонија постои предание дека овој овчарски пес е потомок на волци кои ги одгледал ловец. Шарпланинецот е мирен и добродушен, сака да биде со луѓе, но признава само еден стопан, кого беспрекорно го слуша.

Организираното одгледување шарпланинци почнало 1947 година во македонското село Гари. Во текот на 1960-те години популацијата на овие кучиња се намалила, а 1976 расата била на работ на опстанок. Заради нејзино зачувување е основано одгледувалиштето Кораб, каде се создадени сите услови за одгледување на овие кучиња. Во него се уште се одгледуваат најчистокрвните југословенски овчари.

Кучињата од оваа раса се многу издржливи и можат да спијат на снег. Главата, ушите и предниот дел на шепите им се покриени со кратко влакно, а на вратот, грбот, задниот дел на шепите и на опашката е долго. Дозволени се сите нијанси на боја, почнувајќи од бела па се до темносмеѓа. Најмногу се ценат зеленкасто-сивата и темносивата варијанта.

Шарпланинците се користат за чување на овци од волци и други грабливи ѕверови на планинските пасишта, за чување на заграден простор и како службени кучиња.

Извор
RussiaBeyond

Во служба на партијата со јавни пари- функционери на СДСМ со државни возила на партиска средба (ВИДЕО)

Функционери на СДСМ меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Мила Царовска, на вчерашниот Централен одбор на партијата, наместо со приватни, дошле со службени возила.

-Во служба на партијата со јавни пари. Скоро сите функционери на СДСМ со државни возила на партиска средба, пишува новинарот Фуркан Салиу, кој го објави и видеото.

Извор: kurir.mk

Дали сте знаеле дека Победа имала навивачки секции во Скопје, Кавадарци, Охрид, Штип….? Сеќавање на едно славно време за црвено-белите

Живот: Пред децении

-Црвено-бели навивачки секции имало и во Скопје, Кавадарци, Неготино, Крушево, Ресен, Охрид, Штип и на други места

Во долгото, повеќегодишно исчекување да се изгради градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, и така да се вратат гледачите на трибините, совладуваат носталгични чувства и враќање децении назад, во најфудбалскиот дел од минатото.

Тогаш да се зборувало за Победа, значело да се зборува за гледачите, за навивачите. Нив ги имало не само од градов, ами и во целава земја. Само големи фудбалски брендови ја имале таа привилегија, од рангот на Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук, а во Македонија покрај Вардар уште само Победа.

Денес тоа е невозможен ,,потфат,,, но е чиста вистина. За Победа навивале страсно и во останатите македонски градови.

Уверување доаѓа со ѕиркање во тогашните весници. Еве што пишува во 1966 година, по мечот дома со Железничар, а во пресрет на одлучувачките две последни кола во Втората југословенска лига на гости со Раднички во Сомбор и дома со Срем, каде прилепскиот тим имаше историска шанса за влез во Првата југословенска лига.

-Ретко кој клуб има толку многу приврзаници, како прилепскиот второлигаш. Илјадници навивачи од цела Македонија во овие најнеизвесни денови за Победа силно го ,,стегаат палецот,, и потајно посакуваат таа да биде член на најелитното фудбалско друштво. Минатата недела на градскиот стадион, покрај прилепските навивачи, во рекордната посета од 12 илјади гледачи, неколку илјади беа од Битола, Кавадарци, Неготино, Крушево, Ресен, Охрид, Штип, Скопје… – почнува извештајот од Прилеп,

Навивачите се мобилизирани пред историската шанса на Победа да стане прволигаш. Долг е списокот на играчи од тие времиња: Славчо Гически, Воислав Тренески, Асим Зимоњиќ, Трајче Бошкоски, Александар Конески, Симон Велкоски, Борче Ангелески, Живко Ѓорѓиоски, Борис Дамјаноски, Томе Јакимоски, Благоја Јанкулоски, Коста Јанески, Лефтер Каргов, Методија Крстески, Борис Клашев, Никола Илиоски, Слободан Соколовиќ, Иван Гарбески, Кирил Атанасоски, Гога Лашкоски, Живко Нешкоски, Круме Митрикески, Славчо Велкоски, Тито Тренески, Таки Василев, Тасе Чесноски, Кирил Анески, Милорад Божиноски, Томислав Филиповиќ, Стојан Ниниќ, Томе Георгиев, Миле Николоски, Гајо Лакичевиќ, Илија Ковачески, Петко Петков, Љупчо Зографоски. Некои дале помал, некои поголем придонес. Некои биле домашни, други засилувања од други градови што придонесло за симапатии на клубот стотици километри подалеку од Марковите кули.

-Навивачите доаѓаат секоја недела во Прилеп, откако Победа игра на свој терен. Нема разлика меѓу домашните навивачи и оние кои доаѓаат како гости. На стадионот се како дома. Победа е на прагот на најголемиот успех. Поддршката од трибините е потребна на прилепските фудбалери. Пред мечот со Железничар разговаравме со неколкумина. Пецо Иванов од Кавадарци рече дека во тој град Победа има најверни навивачи. ,,Колку што навиваме за Победа, толку ја сакаме Победа,,, вели тој. ,,Во нашиот град имаме секција на љубители на Победа. Растојанието меѓу двата града не е далечно и ние секогаш сме тука. Победа е симпатична екипа. Ја сакаме од срце сите,,. Иванов од името на групата навивачи изрази мислење дека во преостанатите натпревари Победа сигурно ќе биде над Сутјеска на табелата, а тоа значи дека е главен фаворит за освојување на второлигашката титула – пишува во весниците од 1966 година.

Изгледа чудно, толку чудно од денешен агол што почудно не може да биде. Битолчани навивале за Победа! Во исто време, во недела, кога Пелистер играл во Битола, битолчаните се селат кон Прилеп и не пропуштаат ниеден натпревар на Победа. Група растела од година на година. Првин најпознат бил некој занаетчија, шапкар, Боге Кузмановски.

Потоа многу се зборувало за Васко Журовски, угледен судија во Окружниот суд во Битола. Поради приврзаноста кон Победа, три години бил почесен член на Управниот одбор на ФК Победа. Во ова време еве што весниците пишуваат за него.

-Во просториите на клубот разговараше со своите миленици. ,,За Победа навивам од 1948 година. Секоја недела кога прилепскиот тим игра во Прилеп, ние сме тука,,. Има ли уште и други од Битола кои за фудбал доаѓаат во Прилеп? ,,Нема ништо чудно. Во Битола формиравме Клуб на пријатели на Победа. Во неделите сите со различни превозни средства доаѓаме на натпреварите,,. Занимливо? ,,Зошто не. Со години Боге Кузмановски, најголемиот ,,победаш,,, ги организираше во групи сите кои навиваа за Победа и под негово водство правевме неделни фудбалски викенди до Прилеп,,. Како станавте член на Управата на Победа? ,,Во 1963 година, другарите од Битола ме предложија да ги врачам честитките и желбите до драгите прилепчани. Потоа еден прилепчанец со задоволство ме предложи да влезам не само во пленумот, ами и во потесниот управен одбор. Предлогот сите го поддржаа,,. Ќе успее ли Победа во овој ,,фудбалски маратон,,? ,,Да. Јас и сите останати од Битола не само што сме со желбите заедно со нашите миленици да ја поделиме нивната и нашата најголема радост, туку цврсто веруваме дека Победа ќе стане прволигаш. Треба да се издржи натпреварот со Раднички во Сомбор,, – пренесува тогашниот печатен медиум.

Таа 1966 година е пример за заедништво. Цела Македонија држи среќа за нејзиниот најголем успех. И Скопје, град што го има Вардар, не е исклучок. Доаѓаат и скопјани во Прилеп да го гледаат прилепското фудбалско чудо. Меѓу скопјаните најзагреан бил Даре Бошковски, берберот. Тој, како и другите ,,тифози,, од главниот македонски град, секоја недела купувал железнички билет од Скопје до Прилеп да гледа убав фудбал и да навива за Победа.

Ангел од Велес

И во поново време Победа останува феномен. Има навивачи од останатите македонски градови. Пред 15-20 години имаше еден од Виница кој постојано доаѓаше на стадионот со избричена глава, на која од косата оставаше само шест букви – Победа.

Многубројни беа симпатизерите од Струмица, а најпознат беше Жика Лорка, кој ги знаеше напамет сите состави од второлигашките сезони на екипата. Сега нема кој не слушнал за Ангел Тошевски, жител на Велес. Патува секаде: Охрид, Битола, Скопје, Штип, Струмица… Секаде во црвено-бела опрема. Велешани, неговите сограѓани, се чуделе:

-Гледав меч Борец – Победа – Валандово, а облечен во дрес од Победа. Ме прашуваат: Како се вика голманот од Победа? Не знам, првпат го гледам. Нели си валандовчанец? Не. Ами зошто на грбов ти пишува Победа? Тоа е Победа од Прилеп, не од Валандово! Значи – прилепчанец си? Не, не сум. Во Кавадарци сум роден, во Велес живеам, а за Победа од Прилеп навивам – објаснувал Ангел.

Два часа пренос на телефон

Дури во Австралија значи името на Победа. Мечот со Перуџа, летото 1999 година, некој наш сонародник не можел да гледа ни телевизиски ни да слуша радио пренос и морал да се снаоѓа поради непогодните технички можности на медиумите. Се јавил по фиксен телефон во Прилеп и барал некој од домашните.

Сите заминале на стадион, само некоја постара жена останала. Ја замолил да го вклучи телевизорот каде што има фудбал, да ја држи слушалката до телевизорот за тој да слуша што се случува во Прилеп.

Така и жената и тој издржале два часа. Може само да се претпостави каква дебела сметка платил за потрошените импулси, но кога е во прашање Победа бил подготвен и на тоа.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”

Адриано беше крал на фудбалот а сега живее во фавела и се бања во корито

Адриано Леите Рибеиро беше еден од најбогатите и најуспешните играчи во светот, а денес живее во фавела (дива населба, каде што живеат сиромашни), каде што израснал, а судејќи според фотографиите на Инстаграм, се бања во корито.

Тој израснал во тешка сиромаштија во фавелите на Рио де Жанеиро, а фудбал почнал да игра од мали нозе. Со текот на времето, тој се проби до најдобрите светски клубови. На врвот на популарноста, го доби прекарот Император. Се чинеше дека само небото му е лимит, но смртта на неговиот татко, сè промени.

Алмир Леит Рибеиро изненада починал кога имал само 44 години. Бидејќи тој и Адријано секогаш биле блиски, неговата смрт тешко го погоди младиот фудбалер.

„Тој беше многу приврзан кон неговиот татко, кога го виканаа да го информираат за неговата смрт, го фрли мобилниот телефон и почна да вришти. Бев шокиран кога го видов тоа”, изјави еднаш неговиот соиграч во Интер Хавиер Занети.

Потоа почна да се бори со депресија и зависност, што остави трага и на неговата игра на терен. Ги пропушташе тренинзите и ја изгуби волјата да игра, па имавме се помалку и помалку можност да го гледаме на терен.

По осум години, Интер му го откажа договорот, па се врати во Бразил. Играше за уште неколку клубови, но старата слава никогаш не ја врати.

По смртта на татко ми, паднав во депресија. Бев среќен само додека пиев и не престанував. Излегував секоја ноќ и пиев се што ми дојде при рака: вино, виски, пиво, многу пиво. Доаѓав на тренинзи пијан и не можев да играм, па ќе ме испратеа да се наспијам, а на новинарите им велеа дека имам проблеми со мускулите. Како што не престанував да пијам, ситуацијата се влоши и морав да го напуштам Интер, изјави Адриано за едно интервју.

Наместо бакшиш, директорот на Јувентус на келнерите им ја оставил салфетата на која ги пишувал засилувањата на клубот

Директорот на Јувентус, Фабио Паратичи, направи гаф на годината, кога во еден римски ресторан ја заборавил салфетата на која ги напишал плановите на клубот за наредните трансфер рокови.

Јувентус вечерва игра против Лацио на “Олимпико”, а човекот кој прави чуда на трансфер пазарот за “бјанконерите” синоќа пристигнал во Рим. Салфетата била проследена или продадена од страна на келнерите на римскиот весник “Il Tempu”, а тие ја објавиле како ексклузива.

Метите на Јуве не се тајна, но има некои новости, клучни се Зенаро и Демирал, кои се сметаат како инвестиции за иднината на клубот. Првиот игра за Валенсија, а вториот е стопер на Аланија. И за едниот и за другиот Јуве е подготвен да палти седум милиони евра. На мета е и сензацијата од Рома – Заниоло, но тоа е тешка мисија, затоа што се работи за момче кое Интер го ослободи како дел од договорот за Најголан, и направи катастрофална грешка.

Што се однесува до Аргентинецот Ромеро, тој е блиску до Торино, во Џенова замина Стураро, а Јуве ќе се насочи кон новиот Пирло, Тонали од Бреша.

Напишани се и сумите, Ромеро и Тонали вредат по 20 милиони, Заниоло 40, а нова мета е и Киеса од Фиорентина, кој Паратичи го проценил на 50 милиони евра.

Тешко дека “Виолетовите” од Фиренца ќе сакаат да го продадат својот бисер за овие пари, но кога Јуве е во прашање ништо не се знае.

И за крај најголемата тајна, ако замине Миралем Пјаниќ, а се поврзува со Манчестер Сити, Јуве ќе се обиде да го купи Сергеј Милинковиќ Савиќ.

Дали клубот ќе успее во овие намери, останува да видиме. Вакви информации не се случува често да дојдат до медиумите, освен ако директорот на “старата дама” намерно го направил тоа.

Ѓоковиќ го разнесе Надал во Мелбурн: Историјата е испишана, маестралниот Новак стигна до седмата рекордна титула на “Aвстралија Опен”

Новаќ Ѓоковиќ е апсолутен крал на Мелбурн! Српскиот ас во финалето му одржа лекција на Рафаел Надал и во три сета убедливо го победи – 6:3, 6:2, 6:3, за рекордна седма титула на Австралиjа Опен.

Новак до победата стигна за два часа и четири минути.

Освен пехарот кој го доби, Ѓоковиќ изби и на водечката позиција на вечната листа на освојувачи “Ози опен”, пред Роџер Федерер и Рој Емерсон.

Прилепскиот бренд присутен насекаде: Производите на “Витаминка” изложени на познатиот саем во Келн

Денеска започна најголемиот и најважен саем за кондиторски производи и закуски, ISM во Келн, Германија а Витаминка и оваа година е присутна со целосниот свој асортиман соодветно на профилот на саемот. За најголемиот македонски производител во прехранбената индустрија, учеството и претставувањето во Келн е клучно и значајно за унапредување на производството и проширување на присуството на странски пазари.

„ISM Келн е најголемиот и најважен саем во светот за кондиторски производи и закуски што се одржува еднаш годишно. Пред најголемите компании од секторот, присутни од целиот свет се презентираат нови трендови, иновативни производи и перспективи и токму тука е предноста и бенефициите од овој саем, а со нашето присуство покрај нови купувачи, партнери и пазари и дополнителна афирмација за компанијата, како претставник го промовираме и македонското производство и прехранбената индустрија во земјава. Очекуваме и оваа година нашето претставување да биде успешно и да воспоставиме нови соработки и бизнис релации“, изјави Љупчо Велески, директор на сектор извоз во Витаминка.

Како важна деловна и комуникациска платформа, саемот ги спојува сите релевантни целни групи, како малите, средните компании но и лидерите на пазарот со меѓународни деловни групи заинтересирани за соработка. Од долгогодишното и редовно присуство на овој саем, Витаминка има позитивно искуство, бројни нови купувачи и воспоставено многу соработки.

Уживајте во сонцето додека го има – во новата недела нов пресврт со времето

Времето денеска ќе биде претежно сончево со мала до умерена облачност, поголема на северот и на истокот. Утрово ќе има услови за појава на магла. Во северните делови ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а на југот и од пладневните часови ветерот ќе биде јужен. Минималната температура ќе се движи од -9 до -1, а максималната од еден до девет степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Температура ќе биде во интервал од -6 до два степена.

Според УХМР, следните денови ќе преовладува облачно време со услови за магла по котлините. Утре ќе се зголеми облачноста, а од крајот на денот ќе почнат нови врнежи кои на пониските места ќе бидат од дожд, а на планините од снег.

Се очекува најпрво да се поинтензивни на запад, а потоа да се прошират насекаде и да траат. Во вторник врнежите ќе бидат поинтензивни на југоистокот и истокот.