дома блог страница 19

Словенија воведе Божиќен бонус од 639 евра за сите вработени

Словенечката влада одобри закон со кој ќе се воведе задолжителен божиќен бонус за сите вработени, објавија локалните медиуми.

Бонусот за зимски празници ќе биде половина од минималната плата, што значи дека оваа година ќе изнесува 639 евра.

Според вчера усвоената регулатива, рокот за исплата на бонусот е најдоцна 18 дена по истекот на рокот за исплата на плати во ноември. Доколку компанијата има тешкотии со ликвидноста, парите може да се исплатат до 31 март.

Доаѓа ли нов страшен бран поскапувања?! Јајцата туркаат рекорди по маркетите, следно е месото

Изминативе денови, во речиси сите маркети и зелени пазари дојде до значително зголемување на цената на јајцата.

Тоа значи дека ако една табла со 30 јајца (Л класа) се продавала по цена од 280 денари, сега се продава по цена од 310 денари, односно мала табла од 10 јајца (М класа) која се продавала по цена од 90 денари, сега чини 105 денари.

Ова, важи за скоро сите маркети и скоро сите производители на јајца, а она што е дополнително загрижувачки е што цените нагло се смениле.

Но, освен јајцата, наскоро се очекува и зголемување на цената на месото, особено на свинското и јунешкото.

Прилеп полека ги губи шансите за плеј-оф, по вторпат сезонава поразени од втората екипа на Еурофарм Пелистер

Залудни беа 10 погодоци на Димитар Димитриоски на гостувањето во Битола, затоа што прилепчани по втор пат сезонава беа поразени од втората екипа на Еурофарм Пелистер, овојпат со 31:28.

Овој триумф за битолчани ги отвара вратите за плеј-оф, кои сега имаат 12 бода, а Прилеп остана на 8 освоени и тешко дека ќе може да се надева на пласман во горниот дел од табелата.

До победата на битолчани најмногу се истакна Митревски со осум погодоци, а Мохамед Азиз и Баптист Одифед запишаа по шест гола. Голманот Јовановски забележа седум одбрани. Кај прилепчани најдобар беше Димитриоски со десет гола, додека голманската двојка Ангелески – Христоски заедно реализираше вкупно десет интервенции.

Во наредното коло прилепчани имаат ново гостување, овојпат кај Куманово.

Велс едвај триумфираше против Лихтенштајн, Македонија и со нерешено ќе биде втора

Фудбалерите на Велс синоќа го победија Лихтенштајн минимално со 1:0 на гостувањето во Вадуз.

Велшаните се надеваа на триумф со најмалку шест голови разлика, но едвај стигнаа и до минимална победа.

По овој резултат, на македонската репрезентација во Кардиф во вторник доволно ќе и биде и реми за да го освои второто место во Ј-групата и да оди во бараж за СП 2026 преку квалификациите.

Во случај на чудо, односно Белгија да загуби од Лихтенштајн дома, тогаш нашата репрезентација со победа над Велс ќе избори директен пласман на Мундијалот 2026 што ќе се игра во САД, Мексико и Канада.

Доказ дека кошарката во Прилеп заслужува поддршка, синоќа нова убедлива победа на МЕГА БАСКЕТ (Фото)

По минималниот пораз на гостувањето кај Вардар минатиот викенд, прилепчани одново им се вратија на победите, триумфирајќи овојпат на домашен терен над Охрид со високи 93:72.

По релативно изедначеното прво полувреме, во кое гостите од Охрид имаа и предност (39:37), работите се сменија во текот на третата четвртина. Онаа во која прилепскиот прволигаш испорача 31.поен, прими доста помалку, за да поведе со двоцифрени (68:58). Во сличен стил Мега баскет ги одигра последните десет минути во кои го удвои водството и дојде до нов успех, со кој, макар и привремено, со меч повеќе од Вардар, е на првата позиција во ова друштво.

Марковски со 23, и Радически со 20.поени ја предводеа домашната екипа во која Враниќ реализираше уште 18.поени, Митков имаше 12.

Во гостинската, Грбовиќ беше стрелец на 20.поени, а капитенот Бојовски уште 13.

Со оваа победа, Мега баскет сега има 4 триумфи од 5 одиграни натпревари на стартот од сезоната, и сериозно претендира за пласман во Супер лигата.

Денеска (недела), со почеток од 16 часот, во салата во ООУ “Добре Јованоски”, младата екипа на Мега Баскет го пречекува Црн Дрим. Ајде да ги поддржиме момците кои исто така импресионираат на стартот од сезоната.

Aвто Контол, МВР и РСБСП во заедничка акција на Плетвар: “Да ја зајакнеме културата на превенција, а не казнување” (ФОТО)

Полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола и Отсекот за превенција како и полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола со превентивно-едукативна активност ја стартуваа кампањата „Вози безбедно – стигни сигурно“.

Активноста ја спроведоа на неколку локации во Битола и Прилеп како и излезите од градовите и притоа на возачите им беа делени летоци со корисни совети за возачите. Во Прилеп активноста беше подржана и во соработка со станицата за технички преглед “АВТО КОНТРОЛ”, каде на возачите им беа извршени бесплатно мерења на шара и длабочина на гумите.

Акцијата ја спроведуваме со цел:

✔ Да потсетиме дека зимската опрема е клучна за безбедно возење во зимски услови
✔ Да помогнеме возачите навреме да ја проверат исправноста на гумите
✔ Да ја зајакнеме културата на превенција, а не казнување
✔ Да придонесеме кон побезбедни патишта за сите учесници во сообраќајот

– велат од станицата за технички преглед – АВТО КОНТРОЛ од Прилеп.

Во пресрет на зимската сезона, кампањата има за цел да ги да потсети возачите дека од 15 ноември до 15 март е задолжително поседување и носење на зимската опрема во возилата, како и да ги едуцира возачите за правилно користење на опремата.

Инаку, под пропишана зимска опрема за моторни возила до 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на сите четири тркала или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на нагазен слој по ширина и должина и синџири за снег за погонските тркала. За возила со моторен погон на сите четири тркала (4×4) зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм и синџири за снег.

Зимските услови носат повисок степен на ризик: лизгави коловози поради снег, мраз или голомразица, намалена видливост поради густа магла или врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, како и зголемена заморливост кај возачите. Затоа, СВР Битола и Отсекот за превенција апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги следат следниве препораки:

– следете ги информациите за временските услови на патиштата;
– прилагодете го возењето според условите на патот;
– почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација;
– носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно;
– направете проверка на возилото;
– одржувајте безбедно растојание меѓу возилата;
– избегнувајте нагло сопирање и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.

Безбедноста на патиштата е заедничка обврска и само така може да се изгради култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот.

Градоначалникот нема да користи службено возило, платата ќе ја дели на лица со посебни потреби

Ова го соопшти новиот градоначаник на Струга, Менди Ќура, во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

„Мојата плата ќе се дели за лица со посебни потреби и нема да го користам бенефитот од средствата за репрезентација на градоначалникот што доаѓа законски со одлука на Советот., рече бизнисменот.

Тој воедно е градоначалник, но и градежен инвеститор, а на прашањето дали тука гледа судир на улоги и конфликт на интереси, Ќура рече дека неговите бизниси со изградби на згради и други објекти не зависат од Струга, туку дека се распрстранети низ цеата земја

Тој рече дека фамозното скапо „ауди“ купено за превоз на градначалникот во времето на претходниот градоначалник, Рамиз Мерко, веќе е дадено на оглас за продажба.

(Видео) Девојче oд крушевско му впери пушка во главата на 11-годишниот брат

По објавената снимка на сооцијалните мрежи на која се гледа како 15-годишно девојче вперува ловечка пушка во главата на 11-годишниот брат, интервенираше Полицијата интервенираше во крушевското село Јакреново.

Од МВР известуваат дека од родителот било одземено огненото оружје и дозволата за негово поседување.

„На 14.11.2025 во 13 часот во село Јакреново, крушевско, полициски службеници од ОВР Крушево од Ф.А.(44) од село Јакреново одзедоа ловечка пушка, ременик и дозвола за поседување оружје. Имено, претходно беше пријавено дека на социјална мрежа беше објавено видео на кое се гледа дека 15-годишно девојче вперува огнено оружје кон главата на својот 11 – годишен брат. По преземени мерки беше утврдено дека настанот се случил во неговиот дом и беа направени консултации со јавен обвинител, оружјето е одземено и по целосно документирање на случајот против Ф.А.ќе биде поднесена соодветна пријава“, информира полицијата.

Заседаваше ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, паднаа разрешувања!

Вчера заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ каде беа донесени повеќе одлуки во најголем дел активно поврзани со тековните подготовки за претстојниот редовен Конгрес кој ќе се одржи на 6 Декември во Кавадарци.

Беше донесена одлука за избор на делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот. На Конгресот ќе учествуваат над 800 делегати, а генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски беше овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа беше формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот.

На Централниот Комитет беше донесена одлука за разрешување на Илија Стоилев од местото Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Исто така беше донесена одлука за разрешување на Гоце Стоиловски од местото претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица.

На Централниот Комитет стана збор и за резултатите од последните локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и историски висока победа што претставува одговорност за работа и постигнување на резултати и ветеното пред граѓаните на Република Македонија.

66-годишен битолчанец со автомобил удрил во две млади девојки

-На 14.11.2025 во 22:26 часот во СВР Битола е пријавено дека на бул.„1 Мај“ во Битола, патничко возило „опел корса“ со битолски регистарски ознаки, управувано од К.Ј.(66) од Битола, удрило во 23-годишната П.Р. и 23-годишната М.М., двете од Битола. Притоа, П.Р. се здобила со тешки телесни повреди, додека со телесни повреди се здобила М.М., констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола – информираат од МВР.