дома блог страница 14

Претрес во битолско, пронајдено оружје и муниција, приведено едно лице

-На 19.11.2025 во 17:45 часот во с.Граешница, битолско, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода В.Ј.(56) с.Граешница. При претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се ловечка пушка и патрони за пушката.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.

Македонија го доби противникот за бараж за Светско

Македонската фудбалска репрезентација го дозна противникот за бараж за Светското првенство, кое идната година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико.

Ждрепката во Цирих предмалку одлучи нашата репрезентација да се соочи со Данска во полуфиналниот бараж дуел. Натпреварот ќе се одигра на 26.март, а Македонија ќе и’ гостува на Данска.

Доколку нашите момци излезат како победници на овој дуел, финалниот натпревар ќе го играат против победникот од дуелот Чешка-Ирска, пет дена подоцна.

Прилепчанецот Седлоски еден од најсериозните кандидати за иден селектор на Македонија

Прилепчанецот Гоце Седлоски, актуелниот тренер на Вардар, се наметнува како еден од најсериозните кандидати за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Се чини дека мандатот на сегашниот селектор Благоја Милевски — кој е на чело на националниот тим од 2021 година — привршува, а ФФМ најверојатно нема да му понуди продолжување на договорот.

Главното прашање сега е: Кој ќе ја предводи Македонија во мартовскиот бараж, пред уште една шанса за историски пласман на големо натпреварување?

Денеска во Цирих ќе биде познат и противникот на Македонија за баражот за Светско првенство. Противници на нашата репрезентација можат да бидат: Италија, Турција, Данска или Украина.

Спортските медиуми веќе пишуваат за две силни имиња како можни наследници на Милевски. Меѓу опциите се споменува и хрватскиот стратег Славен Билиќ – поранешен успешен селектор на Хрватска, со богато искуство и во Премиер лигата.

Во сабота во фоајето на ЦК “Марко Цепенков”, промоција на романот „Semper Idem“ од Ѓорѓе Лебовиќ

На 22 ноември 2025/ сабота/ од 18.30 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи Промоција на романот „Semper Idem“ од Ѓорѓе Лебовиќ и разговор со Катица Гароска, преведувачка на делото – една од најпотресните и најреиздавани книги во Србија со 19 реизданија.

Лебовиќ:

„Престрашен бев од сознанието за поредокот на причини и последици. Една навидум безначајна одлука, еден мој погрешен чекор, едно единствено непретпазливо движење ќе го промени не само мојот живот, туку и животот на стотици и стотици други луѓе, мене блиски и непознати, можеби сè уште неродени“. „Semper idem“ е автобиографска книга, роман-хроника за едно детство во Кралството Југославија пред Втората светска војна, потресна приказна раскажана од перспектива на сеќавањата на едно дете кое го преживеало логорот Аушвиц за неговото доживување на приближувањето на „Големата пропаст“ – ширењето на нацизмот во својата околина и во Европа.

За време на Втората светска војна Ѓорѓе Лебовиќ (1928 – 2004) загубил четириесет членови од своето семејство, а тој како 14-годишник бил депортиран во логорот Аушвиц. Крајот на војната го дочекал во логорот на 5 мај 1945 година.

„Semper idem“ (Секогаш исто) е латински натпис на црквата во Сомбор каде Лебовиќ како дете одел со својата баба Лаура. На неговото прашање што е тоа што секогаш е исто, бабата одговорила: „Злото. Тоа никогаш не мирува, се повторува, а понекогаш се појавува во неразбирливи размери.“

Но, „Semper Idem“ е и приказна за универзалните вредности – добрината, љубовта, човечноста – кои во животот на Лебовиќ како дете се појавувале како зрак на надеж од најдлабокиот мрак на поблиската историја на човештвото.

„Жртвите на безумните војни се како ѕвездите на небото, вечно невини и вечно еднакви. За мене паметењето е божји дар, а заборавот најголема казна што може да погоди не само поединец, туку и цели народи“.

Модератор на настанот и разговорот со преведувачката Катица Гароска ќе го води Александар Еленин.

Собранието ги изгласа измените: Производите од „Тему“ ќе поскапат

Шноличките, маските за телефони, накитот… кои граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи за 18 отсто. Ова е резултат на измените на Законот за данок на додадена вредност со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн праткита со вредност до 22 евра. Оваа мерка ќе донесе одреден приход во државната каса, но и ќе ги направи производите што се нарачуваат на „Тему“ поскапи и понеконкурентни во однос на домашните производи. Од Министерството за финансии сметаат дека се очекува спроведувањето на измените да има директни позитивни ефекти врз економијата и врз работењето на домашните компании. Дополнително, со плаќањето данок на малите пратки, околу 4 милиони денари месечно, односно 65 илјади евра ќе се пренасочат кон домашното стопанство.

Од Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија појаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека со зголемувањето на ДДВ на малите пратки, ќе има намалување на бројот на нарачки, бидејќи на граѓаните ќе им биде поевтино да купуваат некои производи во домашните продавници отколку да ги порачаат преку „Тему“.

-Ќе има мало зголемување на цената на малите пратки, што ќе придонесе за намалување на бројот на нарачки. Сега, кога ќе ја направат, нарачката ќе биде со вклучено ДДВ и граѓаните веднаш ќе знаат која е цената и дали да го порачаат производот. Сепак, ова не мора да значи дека некои производи што граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи, бидејќи моментално цената им е многу пониска од онаа на оние што се продаваат во нашите продавници – вели Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ.

Оданочување на малите пратки се прави секаде во Европа, а целта е помалку да се купува кинеска стока и да се заштити европската економија. И кај нас оваа измена е донесена во таа насока, односно целта е заштита на домашната економија.

-Точно дека на овој начин ќе се спречи сивата економија, бидејќи голем дел од производите што се нарачуваа од „Али експерес“ и од „Тему“ се препродаваа на домашниот пазар. Овие производи беа без ДДВ и на тој начин се создаваше нелојална конкуренција. Сега ќе се купува повеќе од домашни компании чии производи, исто така, се увезени од Кина, но на друг начин – вели Тасевска.

Од ОПМ, сепак, сметаат дека воведувањето ДДВ и царински давачки на мали пратки ќе предизвика одредени проблеми во Македонија, барем во почетниот период, поради недоволната информираност, доцнењето при испорака, административните давачки, намалувањето на онлајн купувањето…

-На подолг рок, ова може да донесе и позитивни ефекти, како поголема заштита на потрошувачите, фер конкуренција со домашните продавници и појасни правила за сите. Важно е институциите и Организацијата за заштита на потрошувачите да спроведат информативна кампања за граѓаните навреме да знаат што да очекуваат и како да постапат при нарачка. Односно, треба да се организираат информативни кампањи преку медиумите, социјалните мрежи и веб-страниците со примери и одговори на најчестите прашања – вели Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека граѓаните нема да плаќаат поскапо, бидејќи трошокот за пресметка и наплата на ДДВ не паѓа врз крајните потрошувачи.

-Предлогот предвидува ослободување од ДДВ за малите пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице примач во земјава, во вредност од 22 евра. Сепак, предвидени се исклучоци од ова ослободување, односно не се применува даночно ослободување за одредени категории производи како алкохол, алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетна вода, тутун и преработки од тутун – изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Главни причини, како што рече, поради кои се вршат изменување и дополнување на постојното законско решение се создавањето појасна правна рамка, спречувањето злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

Инаку, дневно се испорачуваат околу 10 илјади пратки само од „Али експрес“ и од „Тему“. Македонските граѓани најчесто порачуваат накит, практични работи за дома, детски играчки, маски за телефон, УСБ, но и поскапи работи како мали куфери, јакни, обувки, смарт-часовници, мобилни телефони, ИТ-опремa, пишува ВЕЧЕР.

(ВИДЕО) Се работи на целата траса – Автопат Прилеп – Битола до 2028 год. станува полека реалност

Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот автопат од Прилеп до Битола до 2028 година. Македонија се гради со силно темпо – напиша на социјалните мрежи министерот за транспорт Александар Николоски, кој објави и дрон видео на кое се гледа дека речиси на целата траса на автопатот се работи активно.

Трето место од 58-те Детски Рацинови средби за ученичката од ООУ “Климент Охридски” Прилеп, Ана Ангелеска (ФОТО)

Ученичката од ООУ “Климент Охридски”, Ана Ангелеска, го освои престижносто трето место на 58. Детски Рацинови средби кои се одржаа во Велес.

-Иако допрва ќе учиме за Црвениот Поет, Ана твореше како да го знае, можеби затоа што на ист ден се родени. Овој посебен настан за неа, беше проследен и од нејзините прекрасни родители кои беа поддршка и нè однесоа во Велес за заедно да се радуваме на успехот. Со Ана бевме дел од работилница: „Писмо до Рацин“ во кое учениците му пишуваа на поетот. Потоа тука беше, секогашприсутниот писател Горјан Петревски со кого имавме разговор и дискутиравме за различни теми. Она што ни остави голем впечаток беше посетата на спомен-куќата на Рацин во кој научивме многу работи. Од „перото“ на Ана сигурно ќе произлезат некои стихови инспирирани од тоа што го виде. И на крај присуствувавме на свеченото доделување на наградите. Моите драги колешки, скромно ама со големо срце приредија прекрасна свеченост. Дишеше духот на посветениот наставник, во случајов наставнички. Прекрасен перформанс од „МДПС Премиера“ по текст на Анита Мирчева од кој човек ќе смрзне, па ќе се стопли и силно силно ќе се замисли за својата одговорност и за нашата иднина… Им благодарам од име на мојата ученичка и нејзиното семејство на целиот тим што е вклучен во оваа скапоцена манифестација! Догодина! За Рацин – напиша нејзината менторка, наставничката Јулијана Талеска.

Честитки за младата поетеса, нејзината наставничка и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Крушево, за викендот нови врнежи

Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Крушево (34 литри на метар квадратен), а најмалку во Велес и Кавадарци (четири литри на метар квадратен).

Податоците од Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека во Претор наврнале 30 литри на метар квадратен, во Маврови Анови 28, во Лазаропое 23, во Прилеп и Пожаране 18, во Берово 16, во тополчани 14, в Радовиш 12, во Струмица и Попова Шапка 11, во Виница 10, во Тетово и Битола 9, на Зајчев Рид во Скопје, Куманово и Гевгелија 8, Ѓуриште 7, Скопје–Петровец и Штип 6 и Крива Паланка и Демир Капија 5.

Под влијание на нова циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Утре и за време на викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд со над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, локално во форма на невреме со засилен ветер и грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег.

Мицкоски: Не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва категорично исклучи какво било зголемување на старосната граница за пензионирање и нагласи дека евентуалното продолжување на работниот век ќе биде исклучиво доброволно и само во одделни сектори, како високото образование.

„Никоја реформа нема да биде на товар на граѓаните туку напротив во насока да го оптимира и да ги елиминира сите оние злоупотреби“, рече тој во „Топ тема“ на Телма.

Мицкоски откри дека Владата врши длабоки анализи на пензискиот систем, здравството и социјалната заштита, бидејќи првите сериозни притисоци врз буџетот се очекуваат околу 2032–2033 година. Притоа веќе се откриени тешки злоупотреби: лица кои живеат надвор од државата или се починати продолжиле да добиваат по три вида социјална помош истовремено – туѓа нега, гарантирана минимална помош и друго.

Премиерот најави дека со дигитализација и намалување на сивата економија ќе се заштедат стотици милиони евра, а граѓаните ќе бидат повикани директно да ја пријавуваат корупцијата преку посебни телефонски линии.

„Нема поголема ахилова пета и поостар камен во чевелот за еден народ, за една нација, од ваква пандемиска корупција. Посебно на тоа ниво – луѓето кои по вокација треба да бидат солидарни и хумани“, порача Мицкоски.

За минималната плата рече дека Владата ќе го почитува секој договор постигнат меѓу работодавачите и синдикатите во Економско-социјалниот совет – без свое мешање

Краделе цигари од продавница – Полицијата приведе двајца малолетници од Прилеп

-На 19.11.2025 во 02:30 часот во продажен објект на ул.„11 Октомври” во Прилеп, полициски службеници лишија малолетници на возраст од 13 и 14 години. Тие се фатени при извршување на кражба на цигари во објектот. Одземеното е вратено на сопственикот, а по документирање на настанот против нив ќе следува соодветна пријава – информираат од МВР.