дома блог страница 11

Јанчев: “700 луѓе во локал кој е за 200, не дозволувам нова ТPAГЕДИЈА во Македонија”

Настапот на српската ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот, потврди градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Инцидентот се случил синоќа, нешто по полноќ, кога полицијата заедно со инспекции од повеќе институции влегла во угостителскиот објект каде што настапувал Лукас. Набргу по контролата, пејачот бил приведен во полициската станица.

„Нема да дозволиме Кочани сценарио. Безбедноста е прва!“

Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.

– Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран – рече Јанчев.

Тој истакна дека локалот има капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.

– Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине – додаде тој.

Јанчев напомена и дека ангажманот на самиот изведувач не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што претставува дополнителен прекршок.

Лукас настапувал без дозвола, доби казна и прекршочна пријава

Од Министерството за внатрешни работи ја потврдија интервенцијата.

– Констатиравме дека Аца Лукас настапувал без потребната дозвола. За тоа му е изречена парична казна, а поднесена е и прекршочна пријава – соопштија од МВР.

Контролата ја извршиле полициски службеници од Кавадарци, инспектори за странци, пазарен инспекторат, трудов инспекторат и Управа за јавни приходи.

Настапот бил веднаш прекинат, а Лукас бил приведен околу десет минути по полноќ.

Сакал да украде мопед – фатен крадец во Прилеп

-На 22.11.2025 во 21:40 часот на ул. „Дабничка” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Ф.А. од Битола. Тој бил фатен додека се обидувал да украде мопед. По документирање на настанот, против Ф.А. ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

Настан исполнет со многу љубов и топлина: Бабите ги учеа учениците за прилепската традиционална кујна (Фото галерија)

По повод 20 ноември, Меѓународнот ден на детето,  учениците од четврто еден од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ со нивната наставничка Розита Кареска,  беа во посета на учениците од 5-а и нивната наставничка Наташа Мирческа во ООУ „Кочо Рацин“.

Учениците од “Кочо Рацин” овој настан го реализираа по изборниот предмет “Готвење”, а на помош ги викнаа своите баби кои ги приготвија вкусните традиционални јадења и слатки задоволства.

-Сите наши баби, многу деца, вкусно, превкусно и немерно среќно. Училницата ни се прошири од љубов и солзи. Бабите ни подготвија она што тие некогаш го јаделе, а ние им напишавме пораки и стихови. И знаевме дека ќе биде за паметење, па задоволството го поделивме со учениците од 4-1 одд. од ООУ “Кире Гаврилоски Јане” и наставничката Розита Мирческа Кареска. “Јаневци” ни донесоа рој пораки за секое дете, многу насмевки и желби за нови другарства. Секоја чест за нашите баби, им благодариме и никогаш да не се сомневаат во себе: Тие на секое дете секогаш му се малку мајка, малку учителка и малку другарка – напишаа од ООУ “Кочо Рацин” на ФБ.

Еден навистина прекрасен настан кој заслужува внимание и треба да биде пример за останатите училишта.

Kраделе од туѓата мака! Жители од Дебреште фатени како крадат тутун во Кривогаштани

На 19.11.2025 во 00:05 часот во с.Годивле, општина Кривогаштани, полициски службеници од Полициското одделение Кривогаштани ги лишија од слобода И.И. (55) и Ќ.С.(42) од с.Дебреште, општина Долнени.

Полициски службеници извршиле преглед на патничко возило “фолксваген туран” со прилепски регистарски ознаки, управувано од И.И., а сопатник бил Ќ.С., при што во возилото се пронајдени и одземени повеќе низи тутун за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело “кражба”.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава – информираат од СВР Битола.

Декември ќе донесе ниски температури и снег – еве ја прогнозата до крајот на годината

Се приближуваме кон крајот на ноември, почетокот на декември и завршницата на 2025 година. Светските метеоролошки сервиси најавуваат студен и нестабилен декември.

Во првата половина од месецот се очекува пад на температурите – утринските ќе се спуштат благо под нулата, а дневните ќе се движат до околу десеттиот степен.

Втората половина од декември ќе донесе облачно и нестабилно време со врнежи од дожд. Температурите дополнително ќе опаѓаат.

Околу 24 декември се очекува и првиот снег, кога утринските температури може да достигнат и до минус пет степени.

Неделата пред Нова година ќе биде ладна и променлива, со повремени врнежи од дожд. Утринските температури ќе бидат под нулата, а дневните ќе достигнуваат до околу 7 степени.

Новогодишната ноќ ќе биде облачна и студена, а 2026 година ќе започне со врнежи од дожд.

Во Прилеп дождовите турнаа кров од куќа

Обилните врнежи од дожд кои деновиве го зафатија Прилеп и регионот, предизвикаа повеќе проблеми во сообраќајот, поплавување на големи површини земјоделско земјиште, а на ул. “Кајмакчалан”, падна таван од куќа – информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.

За среќа повредени лица нема, а причинета е само материјална штета.

Дождовите деновиве предизвикаа големи проблеми во Битола и битолскиот регион, но од ЦУК вечерва информираат дека нема нови врнежи од дожд, а реките се вратени во речните корита и се во тенденција за намалување, односно нивото на водата е намалено.

ВОЗЕЛ МРТОВ ПИЈАН низ град! Полицијата “улови” прилепчанец со 2,79 промили алкохол во крвта

-На 22.11.2025 во 02:50 часот на ул. „Прилепски бранители“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Д.С. од Прилеп. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле патничко возило „опел” со прилепски регитарски ознаки, при што било констатирано дека Д.С. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2,79 промили алкохол во крвта. Д.С.бил отстранет од сообраќај и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава за „безобѕирно управување со моторно возило” казниво по чл.297А од КЗ, информираат од СВР Битола.

Да си дочекаме и за “Универзална” и за сала “Македонија” во Прилеп – Привршува реконструкцијата на салата “Расадник”, зафат кој вреди 120 милиони денари (ФОТО/ВИДЕО)

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски извршија увид во градежните активности за комплетната реконструкција на спортската сала „Расадник“, која почна кон крајот на 2024 година.

„Гледаме како се менува приказната – од објект кој со години пропаѓаше и претставуваше срамен пример за негрижа, ‘Расадник’ повторно ќе стане место кадешто ќе се собираат граѓаните, ќе се слави спортот и ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај и во минатото. Оваа сала некогаш беше дом на спортскиот клуб Вардар и искрено се надевам дека повторно ќе го добие тој статус, затоа што ‘Расадник’ не е само објект, туку и емоција, традиција и симбол за многу генерации од Кисела Вода“, изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.

Реконструкцијата на култната спортска сала чини 120 милиони денари и треба да заврши до крајот на годинава, а партерното уредување ќе биде завршено во текот на следната година.

И на 35 години Несторо гази во Хрватска – нови два гола за Славен (ВИДЕО)

Во рамки на 14. коло во хрватската ХНЛ лига, екипата на Славен Белупо каде втора сезона по ред настапува нашиот Илија Несторовски, славеше со 4:1 против Вуковар, а токму Несторо беше стрелец на два погодоци.

Прилепчанецот погоди за 2-0 во 25. минута откако одлично проследи акција во која гостите згрешија. Потоа во вториот дел Нестор пак покажа дека има чувство за гол и погоди на „празна мрежа“ за конечните 4-1.

Несторовски сезонава има 3 погодоци во дресот на Славен, екипа која сега се наоѓа на третото место на табелата и покажува дека сериозно ќе се бори за излез во Европа. Нашиот поранешен репрезентативец има 35 години и игра во одлична форма, сепак тоа не беше доволно за селекторот Милевски одново да го повика во репрезентативниот дрес.

23-годишна битолчанка тешко повредена во сообраќајка на патот Битола-Меџитлија

-На 21.11.2025 во 19:55 часот во СВР Битола е пријавено дека на патот Битола- Граничен премин Меџитлија се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел корса“ со битолски регистарски ознаки, управувано од А.С.(23) од Битола и патничко возило „фолксваген поло“ со грчки регистарски ознаки, управувано од А.Х.(30) од Република Грција. Со тешки телесни повреди се здобила 23-годишната А.С., констатирани во Клиничка болница Битола. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола – информираат од МВР.