Сеќавање на херојството на прилепчани: Честит 11-ти Октомври – Денот на народното востание!

Имајќи во предвид дека одбележувањето на 11 Октомври има оставено посебен белег на историјата на Прилеп и Македонија, имаме обврска да направиме една ретроспектива на настаните од тој период и да ви пренесеме изворни и точни податоци за отпочнувањето на четири годишната војна против нацистичките окупатори.

Неподносливата агресија која ја вршел бугарскиот окупатор била причината за кревање на македонскиот народ и организирање во вооружени чети, како и подготовка на вооружени акции против ваквиот терор.

Прилепчани секогаш биле обдарени со посебен револуционерен дух и затоа биле првите кои се спротивставиле на новоформираната власт во нивниот град и започнале со подготовка на планови и стратегија за нивна реализација.

Во продолжение ви ја пренесуваме целата акција на прилепските партизани поврзана за 11 Октомври 1941 година, начинот на кој е реализирана акцијата, како и инволвираните актери во истата.

На месноста Црвени Стени, на 11 Октомври вечерта, на зборното место се собрал партизанскиот одред.

Првата чета, поради задоцнетото известување, задоцнила на зборното место на партизанскиот одред, поради што не била вклучена во акцијата за Прилеп. Од присутниот состав на одредот се извршил избор меѓу доброволно пријавените партизани за учевство во напрадот на Прилеп.

Одредот во кој биле славните прилепски херои Трајко Тарцан, Мице Козар, Ордан Чопела, Димо Димоски-Нередникот, Оцка Михајлоски и многу други, потоа заминал кон Маркови Кули. Притоа била извршена поделба на задачите и бил формиран конечниот состав на ударните групи.

– Нападот на полициската станица за своја задача го имале: Аспарух Јосифоски, командир, Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски.

– За затворот биле задолжени: Никола Попоски, командир, Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душан Ристески.

– За оштетување на телефонската мрежа акцијата им припаднала на : Мице Димески, командир, Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле, Киро Ќосески и Киро Базеркоски.

Секоја од групите имала своја стратегија на дејствување. Во онаа задолжена за участакот акцијата требало да ја започни Душко Наумоски, кој требало да стрела во стражарот пред участакот со што би дал знак на другите групи да се вклучат во нападот. Душко најпрвин се доближил до стражарот кој го запрел и го прашал за врмето на часовникот.

Останатите се посомневале дека Душко се поколебал, но тој се вратил и го застрелал. Потоа Аспарух Јосифофски активирал бомба и ја фрлил пред вратата на участакот, а останатите Блаже, Диме и Миле со пушки стрелале кон прозорците, не давајќи им да се појават полицајците.

Групата за затворот го чекала истрелот од револверот на Душко. Штом градскиот саат отчукал 10 часот, тие веднаш јурнале на затворот. Меѓутоа, стражата од кај участакот од пукотниците веќе била на готовс.

Групата била пречекана со оган. Пецо Крстески и Никола Попоски фрлиле по една бомба, па се повлекле заедно со целата група без жртви.

Групата одредена за оштетување на телефонската мрежа на градот слегла кон Варошко маало, но не по ист пат каде што поминале и другите. Успеале да ги спојат електричните со телефонските жици и со тоа да ги онеспособат, па се повлекле без престрелка.

Сите три групи се повлекле без загуби. Овој подвиг на првите борци од Прилеп можеби не е некој триумфален подвиг, но со сигурност претставува успех кој го означил продолжувањето на револуционерните борби на македонскиот народ, почетокот на организираното востание сега против нов окупатор како и доследноста на граѓаните на Прилеп кон борбата за македонска кауза и слобода.

Александар Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.