Знаеш дека си најдобар наставник кога ќе добиеш пехар од учениците: Најдобриот наставник и најдобрата дружина од Прилеп се разделија после 4 години (ФОТО)

Најдобриот наставник од Прилеп, Гоце Бумбароски и неговата весела дружина која стана најпознатото одделение во Македонија, денеска го одржаа последниот час и после четири години заеднично другарување, учење и стекнување на знаења се разделуваат.

Благодарение на Бумбароски и неговиот инспиративен начин на работа со учениците, цела Македонија дозна за ООУ “Кочо Рацин” од Прилеп и V-Б одделение.

Учениците пред неколку дена изработија фото компилација со сите нивни заеднички моменти и кажаа благодарам за наставникот херој, а денеска на својот херој му доделија и пехар.

“Најголем ПЕХАР за најдобриот наставник ХЕРОЈ Гоце Бумбароски”, пишува во посветата на овој подарок.

Наставникот им подари магнети на кои пишува: “Ти благодарам што беше мој ученик, научив многу нешта од тебе.Секогаш ќе ти бидам во близина, само треба да ме побараш во себе”.

На учениците им посакуваме успешно да го продолжат образованието, секогаш да се сеќаваат на наставникот од одделенска настава, бидејќи тоа е човекот кој го поставил темелот во нив, им дал поттик и мотив да продолжат да се борат за нови знаења и да пораснат во квалитетни млади луѓе кои ќе придонесуваат за оваа држава.

На наставникот ХЕРОЈ му посакуваме во својата работна кариера да “командува” и да формира уште многу вакви сложни и успешни дружини, а сите останати да го следат неговиот пример.


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.