Сеќавање на некогаш најзастапениот автомобил во Прилеп: ФИЌО – АВТОМОБИЛ ЗА СÉ

Univerzalni_Fiko

Пред 40-тина години, било привилегија да се поседува возило. А, изборот се сведувал на автомобилите од фабриката Застава – Фиќо, Стоеден или Југо. Се најдувало и некое Рено 4, Лада и Фијат 1300, изработени по лиценца во Југославија. Со сигурност најзастапено и најефтино било Фиќото. Моторот назад, резервоарот напред, резервна гума, сосема мал простор за багаж се карактеристиките на ова “работно магаре” на четири тркала. Внатре место за возач, совозач и двајца патници стегнати како сардини во конзерва. Можеби задниот дел беше покомотен за две деца до 10 години. Со наједноставна инструмент табла и копчиња за долго и средно светло, ги задоволувало минималните услови за сообраќај. Неретко сопствениците купувале надворешни ретровизори, зашто фабрички немало. Едноставното возило било “измислено” за автошкола. Сиот возен парк на АМД тогаш бил од фиќовци. За полагање на возачки испит имало полигон зад Синдикатот, а страв в коски влевало стрмоглавото место на Варош, природно направено за тестот со рачната кочница. Безброј стари возачи ја добиле возачката дозвола преку ригорозното тестирање со Фиќо.

Фиќото “носеше” до Охрид, Скопје, до Претор. Похрабрите патуваа и до Грција и Бугарија. Оптимистите и до Белград и подалеку. Не ретко Фиќото беше арно и за до нивите со тутун. Тргаше приколка со два – три коша со тутун.

Од Крагуевац сега излегуваат модерни Фиќа од Фиат. Вредат минумум 15 илјади евра. Се пласираат дури и во Америка.

 

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.